Ноќ на исчекување за патниците на „Титаник“

Ова е долга ноќ за поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, за секретарот на владата Кирил Божиновски, за градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко и за другите осомничени во операцијата „Титаник“.

Долго во ноќта траеше распитот на осомничените функционери во Кривичниот суд во Скопје. Истражниот судија ќе има неколку часа да донесе одлука за тоа дали ќе изрече мерка притвор за осомничените.

ex-Minister Mile Janakieski entering the Criminal Court in Skopje Photo credits: Al Jezeera

Миле Јанакиески на распит во Кривичниот суд (фото: Al Jezeera)

„САД целосно го поддржува Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и неговата улога во истражувањето и покренувањето обвиненија за криминалните акти кои произлегуваат од прислушуваните разговори. Нејзиното назначување е суштински елемент на договорот од Пржино и беше одобрено од страна на сите четири политички партии. Го повторуваме нашиот апел до сите страни да му дозволат на СЈО да ги изврши своите обврски, независно и без каква и да е форма на политички притисок. Сите обвинети имаат право на целосна заштита според законот и ги повикуваме сите граѓани да овозможат на фактите да произлезат во текот на судскиот процес“ - соопшти амбасадата на САД вчера.

„Ќе има писмено соопштение“ – кратко одговори поранешниот премиер, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на новинарско прашање вчера. „Денеска бевме сведоци на политички настап во кој беа прозвани голем број лица. Функционерите на партијата кои индиректно беа осудени на прес конференцијата на СЈО немаат сторено никакво кривично дело и тоа ќе го докажат во натамошната постапка“ – соопшти ВМРО-ДПМНЕ подоцна.

Алсат ја пренесе изјавата од Брисел дека Европската комисија не сака да коментира судски процеси кои се во тек, но дека силно ја поддржува работата на специјалното обвинителство.

Специјалното јавно обвинителство доби силна поддршка од граѓанките и граѓаните, од низа организации на граѓанското општество, како и од меѓународната заедница. На Фејсбук се појави и фан страница на обвинителката Фатиме Фетаи која за кратко време собра околу 3.000 лајкови.

Веднаш по прес конференцијата на СЈО, ЦИВИЛ излезе со соопштение за поддршка на професионалноста и храброста на тимот на Катица Јанева.