Националната стратегија за млади - без буџет и без млади!?

Неодамна Владата ја усвои Националната стратегија за млади 2016 - 2025,  документ што ќе го дефинира креирањето на политиките и инвестирањето во младите во следните 10 години. Процесот на подготвување на Националната стратегија за млади, не беше инклузивен и не ги вклучил препораките на Националниот младински совет на Македонија - НМСМ, најголемата и најрелевантна платформа која ги претставува интересите и потребите на младите во земјава. Untitled  jkgПроблемот продолжува и со необјавувањето на текстот на Стратегијата, која и по петнаесет дена од усвојувањето, не е достапна за јавноста и младите, односно, веднаш по објавувањето на веб-страницата на Агенцијата за млади и спорт, беше повлечена.

Во соопштението на НМСМ, по тој повод, се наведува нивната загриженост, заради “изоставувањето на клучни мерки кои беа предвидени за младите, а кои без консултација, се исклучени од усвоениот документ како: Министерство за млади, бришење и/или парафразирање на описи, со цел - значително ублажување на фактичките состојби на младите во делот на образованието, отсуството на здравствената едукација и сеопфатно сексуално образование со сите свои компоненти, ставањето на барем едно контрацептивно средство на позитивната листа, како и акредитирањето, наспроти поддржувањето и препознавањето на неформалното образование”.

ЦИВИЛ - Центар за слобода, со цел - поттикнување на сé поголема вклученост на младите во креирањето на политики , има свој претставник во НМСМ. Според Дехран Муратов, претставникот на ЦИВИЛ во НМСМ: „’Транспарентната’ – а, всушност, нетранспарентно донесена стратегија за млади е доказ дека мислењето и препораките на дел од младите, чии организации се членки на НМСМ, што беа дел од тимот кои ја креирале Стратегијата за млади, се искористени и нивниот став не е земен предвид и воопшто го нема во новата стратегија. Но, за тоа се виновни и самите млади, затоа што, иако стратегијата е донесена пред петнаесет дена, членките на НМСМ сé уште размислуваат на кој начин да го искажат свото незадоволство. Сé додека младите молчат, институциите ќе носат одлуки кои се спротивни од нивните очекувања и барања. Сметам дека младите треба да се погласни и ќе ја искористам поговорката: ‘Се додека детето не досадува и не плаче, макјката нема да го дои’“, вели Муратов.

Документот е неприфатлив и за Младинскиот образовен форум - МОФ.

„За институциите, овој документ е поместување напред, но за младите е регресија, затоа што новата стратегија, нема буџет, нема индикатори, нема план за мониторинг и евалуација, не се знае дали ќе има акциски план”, смета Дона Костуранова од МОФ.

Националната стратегија за млади, само уште еднаш покажува дека Владата, продолжува да биде исполнителна во креирање на политики на хартија, но во пракса, младите и следните десет години ќе бидат врамени во стратегија која не ги вклучува нив. Или, ќе продолжи да форсира контра-здруженија и организации кои ќе пеат фалбоспеви за нејзината работа и ќе ги поддржува преку партиски обоената Агенција за млади и спорт.

А тоа на властите им овозможува да манипулираат со огромниот број млади и да ги користат во предизборни цели, преку партиска пропаганда и индоктринација од мали нозе или преку сатанизација  на секоја појава на критичко мислење и протест против контроверзните постапки на Владата. И паралелно, властите да се претставуваат како заштитиници на интересите на маргинализираните млади личности, притиснати од хаосот во образованието, невработеноста и целосно партизираната држава која ги оневозможува иновативноста и претприемништвото.  Дури и со (не)посточеки декадни стратегии за кои не е предвиден буџет...

Print Friendly, PDF & Email

Оваа вест е достапна и на: Albanian