На вчерашниот јавен настан „Граѓанска дебата за слободно општество и социјална правда“ еден од говорниците на првиот панел беше и аналитичарот Суад Мисини чии делови од излагањето пренесуваме:
„Јас сум инаку среќен што терминот ‘заробена држава’ е веќе етаблиран во Република Македонија и значењето на тој збор веќе го разбираат сите. Ние зборувавме за мафиократската држава, за тоталитарен режим, во теоријата сме сместени во хибриден режим, и сите тие називи се точни. Но, заробена држава е термин што практично најдобро ја опишува нашата ситуација, нели, како и во љубовта, за заробена држава треба двајца. Имате власт која е аутистична во својата мафиократска примена на владеењето, и имате граѓани кои што се аутистични во однос на спознанијата за сопствената сувереност.
[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=Ma_ScOyM0_I[/youtube]
Во 1991 година бев во Париз, имаше општ штрајк, значи, генерален штрајк, таму се синдикатите многу солидарни и кога еден ќе тргне - излегуваат сите, неколку дена целиот град беше блокиран и ништо не функционираше. И, кога велам ништо, тоа значи ништо. Штетата од тој штрајк изнесуваше од прилика 4 милијарди евра, според проценките на француската држава. а причината за штрајкот беше зголемување на цената на лебот - по 13 години, лебот се покачил за 0,3 отсто. И сега, во разговор со уредник на еден дневен весник, јас го прашувам: ,Која ви е поентата да направите 4 мијларди штета за 0,3 отсто покачување на лебот?’ Јас тогаш доаѓав од простор каде што имаше повеќе стоттици проценти инфлација и тоа беше за мене неразбирливо. Вака ми одговори новинарот „Мора така да направиме затоа што ако им дозволиме ова да помине, после нема граница“.
Така што еден од клучните зборови на моево излагање е дека ние, значи, граѓаните во Република Македонија, во оваа заробена држава, ја загубивме дефиницијата на границата на прифатливото. Значи, за нас нема граница, значи, тие може да убиваат луѓе, тоа не е некој посебен проблем... Значи, можат државата да ја однесат во банкрот - тоа не е проблем, значи, кај нас е тотално дестабилизирана таа граница на прифатливост, која ние - ако сакаме да се помрднеме еден чекор понапред, мораме да ја реетаблираме на едно минимум прифатливо ниво.
И сега, како пандан на оваа анегдота од Париз, мислам дека ние пропуштивме многу шанси како граѓани да одговориме на, не слични, туку далеку потрагични настани кои што се случуваа кај нас. И, сите вие знаете милион примери, јас само ќе издвојам еден, условно кажано, страничен: тоа е начинот на кој што граѓаните се откажуваа од парно греење, а беа натерани да плаќаат месечен надоместок. Ова е условно страничен пример, не е доволно радикален можеби за некого, меѓутоа, начинот на кој што тоа е сведено на еден класичен, државно-приватен грабеж е флагрантен. И ние, како граѓани, не смеевме да дозволиме тоа да се случи, велам, има порадикални примери, вие знаете подобро од мене. На институционално ниво исто така, беа пропуштени многу шанси да се превенира овој стадиум на заробена држава кој што е терминален во Република Македонија.
Еве, два примера ќе издвојам, значи, првиот пат кога во Собранието не дојде шефот на тајната полиција за да реферира за годишен извештај, одговорот на Собранието, односно, на пратениците или на дел на пратениците, или на целото општество, требаше да биде јасен од старт: значи тоа требаше не само да се осуди, туку таа комуникација со институциите требаше тука да запре.
Вториот пример е кога група пратеници поднесоа барање за автентично толкување на еден член од Изборниот законик што се однесуваше на финансирањето на изборната кампања. Тоа барање никогаш не беше ставено на дневен ред. Имаше укажување од Владата на кој начин Собранието треба да постапи за да не се случи ставање на дневен ред на точката за автентично толкување на тој член од Изборниот законик. Некои тука знаат за што зборувам. Ги издвојувам повторно условно, како странични примери, меѓутоа тука, покрај реетаблирањето на границата на прифатливото, вториот клучен збор е дека кога имате гангренозна држава и сите институции внатре, вие ги - прекинувате сите релации, сите односи со таа држава.“