МОФ со видeа во борба со корупцијата во високото образование на Балканот

Младинскиот образовен форум – МОФ, денеска во 18 часот во ГЕМ клубот, ќе промовира видео филмови за корупција во високото образование. Видеата го прикажуваат проблемот со корупцијата во високото образование во Македонија, Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Босна и Херцеговина и Ерменија.

Од МОФ информираат дека целта на видеата е да ги прикажат успешните приказни на неколку студентски и младински мрежи, во борбата со корупцијата во академските кругови, ставот на професорскиот кадар на водечките балкански универзитети и правната рамка во различни земји. Во документарните филмови говорат ректори на универзитети, претставници на граѓански организации, студентски активисти и професори на некои од високообразовните институции од Балканот и Ерменија.

„Кратките документарни филмови се поделени на пет главни целини: дефинирање и видови на корупција во високото образование, истражувачки методи за детектирање на корупцијата во образованието, студентски активизам, младински мрежи за спречување на корупција и соработка меѓу младите и институциите, со цел надминување на проблемот со корупцијата“, информираат од МОФ.

На промоцијата ќе говорат професорот Гордан Калајџиев од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Иван Мицковски од Антикорупциската студенстска мрежа на Југоисточна Европа, Катерина Славковска од Анти Корупција Интернационал Македонија и Александра Живковиќ од Младинскиот образовен форум.