Во тек е масовна операција за мобилизација на „публика“ за присуство на поставувањето на темели на 55-метарскиот крст во Бутел на 27 февруари.
Од општинските комитети на ВМРО-ДПМНЕ се пуштаат пораки на службените телефони на вработени во администрацијата, но и во приватни фирми кои вршат услуги за локалната или централната власт. Во пораката стои дека е потребно секој што ќе ја добие оваа порака да донесе „минимум 30 луѓе“ и дека поаѓањето е во 10:15 од салата „Борис Трајковски“. На веб страницата на општина Бутел до моментот на објавување на овој текст, немаше информација за поставувањето на темелите за мега-крстот во Бутел.
ЦИВИЛ веќе предупреди дека е можно власта да ги искористи етничко-верските сентименти за да го пренасочи вниманието на јавноста од тешката состојба во која се наоѓа земјата, пред спроведувањето на политичкиот договор од Пржино и предвремените парламентарни избори. Така, поставувањето на двоглавиот орел во општина Чаир, за што веќе пишувавме, наиде на свој „одговор“ од општина Бутел со поставување крст.
Оваа информација доаѓа од граѓански новинар кој сакаше да остане анонимен. Од фотографијата, чиј оригинал е сочуван во редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, тргнати се податоците за изворот, како и испраќачот на пораката.
Оваа вест е достапна и на: Albanian