ЦИВИЛ – Центар за слобода, продолжува со караванот НАПРЕД! Тимот на ЦИВИЛ денеска е во Штип, Пробиштип, Кратово и Куманово.
Еден од мобилните тимови за мониторинг и поддршка на ЦИВИЛ ќе биде на градскиот плоштад во Штип, од 11,00 до 13,00 часот, каде што ќе ги информираат штипјани за активностите во рамките на проектот „Напред!“ и за можноста да аплицираат за набљудувачи. На настанот ќе се делат информативни и едукативни материјали, ќе се разговара со кандидатите за изборни набљудувачи од овој град и ќе се информираат сите заинтересирани за активностите на ЦИВИЛ.
Во периодот од 14,30 до 15,30 часот, мобилните тимови на ЦИВИЛ ќе бидат на плоштадите во Кратово и Пробиштип, со истата агенда. Од 16,00 до 18,00 часот, мобилниот тим на ЦИВИЛ ќе биде на плоштадот во Куманово.
Тимовите на ЦИВИЛ ќе бидат на располагање за изјави за медиумите, како и за разговори за размена на информации со претставниците на граѓанското општество и политичките партии кои претходно се информирани и поканети. Исто така, заинтересираните граѓанки и граѓани, ќе имаат можност да учествуваат во фото-петицијата „За слободни избори“.
Едно возило на ЦИВИЛ ќе поаѓа од Скопје за Куманово во 14:45 часот во кое има едно место за новинар-ка на некоја од скопските редакции. Доколку има интерес за ова, може да се јават во седиштето на ЦИВИЛ на 02/5209176.
ЦИВИЛ спроведува целосен, сеопфатен, непристрасен и објективен мониторинг на подготовката и на текот на целиот изборниот процес и на почитувањето на гласачкото право. Во тек се активности за селекција, ангажирање и едукација на долгорочни, краткорочни и граѓански набљудувачи на изборниот процес во Република Македонија.
Со стотици акредитирани набљудувачи, над 1.000 граѓански набљудувачи и врвен тим на аналитичари и експерти, „Напред!“ е проект за долгорочен мониторинг на изборниот процес, набљудување на денот на изборите, едукација и јакнење на јавната свест за правата на гласачите.
Проектот се спроведува на национално ниво во 14 регионални центри на ЦИВИЛ.
Проектот „Напред!“, кој започна во јануари и ќе трае седум месеци, се финансира со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.
Како и досега, заедно со граѓанките и граѓаните, ЦИВИЛ придонесува и ќе придонесува за создавање услови за слободни избори.
Учествувајте во нашите активности за јакнење на јавната свест за правата на гласачите!