И покрај одлуката на Слободан Бончановски раководител во Општина Битола да не се дозволи одржување на настанот „Напред!“ во саботата на плоштадот „Магнолија“, што веќе станува грда „традиција“ на битолските локални власти, кога се во прашање активностите на ЦИВИЛ – Центар за слобода, сепак беше остварена одлична комуникација на скопските и битолските активисти, и соработка со граѓанките и граѓаните на Битола, на двочасовното полладневно дружење.
Тимовите на ЦИВИЛ ги информираа битолчанки и битолчани за проектот Напред! и ги поттикнаа активно да се вклучат во процесот на мониторинг на изборите. На градскиот плоштад “Магнолија”, и по Широк Сокак, поделени беа повеќе од 1.000 триплети, со информативна содржина за можностите за набљудување на претстојните парламентарни избори. Битолчани беа особено заинтересирани да бидат дел од набљудувачкиот процес, а голем беше интересот и за учество во фото петицијата: “И јас сум за слободни избори”.
ЦИВИЛ разговараше со претставници на дел од невладините организации од Битола, како и со активистите од партнерската организација “За нас се работи”.
Медиумите кои го проследија настанот, од изјавата на претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, беа информирани за тековните активности, за набљудувачкиот процес и за шансата и битолчани да бидат дел од мониторингот на парламентарните избори.
ЦИВИЛ спроведува целосен, сеопфатен, непристрасен и објективен мониторинг на подготовката и на текот на целиот изборниот процес и на почитувањето на гласачкото право. Во тек се активности за селекција, ангажирање и едукација на долгорочни, краткорочни и граѓански набљудувачи на изборниот процес во Република Македонија.
Со стотици акредитирани набљудувачи, над 1.000 граѓански набљудувачи и врвен тим на аналитичари и експерти, „Напред!“ е проект за долгорочен мониторинг на изборниот процес, набљудување на денот на изборите, едукација и јакнење на јавната свест за правата на гласачите.
Проектот се спроведува на национално ниво во 14 регионални центри на ЦИВИЛ. Проектот „Напред!“, кој започна во јануари и ќе трае седум месеци, се финансира со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.
Како и досега, заедно со граѓанките и граѓаните, ЦИВИЛ придонесува и ќе придонесува за создавање услови за слободни избори.
Учествувајте во нашите активности за јакнење на јавната свест за правата на гласачите!
Оваа вест е достапна и на: Albanian