Не помина ни ден по политички мотивираното убиство, вестите за насилство и сеење омраза продолжија да пристигнуваат. Тепачките, па нека се и обични хулигански и гангстерски, сега добиваат дополнително, политичко значење. Температурата расте.
На социјалните мрежи се интензивираат штапските офанзиви преполни со говор на омраза и навреди. Цели чаршафи со низок, вулгарен вокабулар, кој, меѓу другото, сведочи и за простотилак, необразованост и непознавање на јазикот.
И тоа е само почеток. Политичкиот естаблишмент на Македонија, кој сѐ уште располага со парите на сите граѓанки и граѓани, а со душите, умовите и судбините на многумина, се служи со добропознатите методи на подземјето и со јазикот на бандите ќе ја продлабочи агонијата. Јас само се надевам дека нема да им успее. Не овој пат. Морбидно, но надеж за тоа дека луѓето нема да го „купат“ крвавиот трик ми дава реакцијата на кумановчани во мај, минатата година, кога се водеше 48-часовната „мала војна“ со терористичка (или криминална) група во Диво Насеље. Трагедијата во која загинаа осум полицајци од различно етничко потекло, од кои едниот од истата етничка заедница како и напаѓачите, не внесе раздор.
Напротив, Македонци, Албанци и Срби излегоа на кумановските улици и си искажаа доверба и поддршка. Не само што не се закрвија, туку оваа крвава епизода, која им донесе неискажлива болка на многу семејства, ги зближи луѓето. Тие ја протолкуваа „малата војна“ како наместена, инсценирана од власта, за да ги уцени граѓанките и граѓаните чие незадоволство растеше и кулминираше со импозантниот протест на 17 мај. Колку има вистина во тоа, допрва ќе се открие во истрагата за оваа грозоморна едночинка, но едно е сигурно – тие што сакаат да играат на етничко-верската карта ќе мора да вложат многу повеќе труд за да предизвикаат ескалација на насилството.
Ова не е вчерашна приказна. Во часовите на неизвесност дали парламентот ќе ја анулира својата гротескна одлука да се самораспушти во служба на уште една изборна кражба, мораме да го пресретнеме планот што веќе се остварува – да се внесе хаос и насилство, да се уништат што е можно повеќе животи, само за да се пренасочи текот на настаните. И да побараме од секој од нас одговорност и свест.
Инциденти ќе има. „Скопје мириса на инциденти“, напиша мојот колега Ермин пред неколку дена и со тоа најави уште една неизвесна пролет за Македонија. Да нема забуни – позициите и украдените пари ќе се бранат бескрупулозно и немилосрдно. Во изминатите години на авторитарно владеење, етно-верската карта беше најдобар адут на политичарите што не сакаа, а и не знаеја да му служат на народот, туку го употребуваа како „клоца“ против „ванхојтовци и катици“.
Тажно е да се живее во земја во која размислувањето и говорот се услов за живот или смрт. Живееме во земја во која послушноста е услов за тоа дали ќе јадеш денеска или не. Деновиве, повторно го изгледав документарниот филм „Немам ни за леб“, во кој еден граѓанин ја сподели својата „шема на исхрана“ пред камерите на моите колешки Бибе и Арбана. „Сиромав човек, жив ѓавол“, вели тој. „Во лебарите, ако една кифла денеска чини дваесет денари, утре е десет денари, а третиот ден, кога е како кал, таа чини пет денари. Значи, три такви кифли ќе си купиш, за 15 денари ќе го поминеш денот...“
Оваа анегдота од улиците на македонските градови ме следи постојано. И не знам што е пострашно. Тоа што има сѐ повеќе просјаци на улиците или „моралните просјаци“ што своето достоинство го трампаат за привилегии.
Имам уште многу да споделам денеска со вас, но во недостиг од време и простор, сакам да му оддадам признание на еден лик што внесе вистинска свежина во оваа трагикомедија од земја. Посредникот Питер Ванхауте, човекот кој, преку личен пример, покажа што е политичка култура и демократски дијалог, и притоа покажа креативност и духовитост, ретко видени кај нас. Тој ќе остане запаметен и по неговиот твит-меме за демократијата, кој стана хит на социјалните мрежи, а трн во окото на провладините медиуми: #Демократијата бара компромис, бара разумни луѓе, бара здрав разум, бара компетентни политичари, бара да се биде во служба на народот!
Партијата на Груевски толку се разбесни од неговата смиреност, посветеност и искреност, што цело едно писмо од меѓународната заедница во кое на властодршците им одржаа лекција поради неисполнетите обврски, го игнорираа и својот бес го насочија токму против него.
Иако Груевски во својот говор кај жените на ВМРО-ДПМНЕ споменуваше клоци за него и Катица Јанева, ниту тој, ниту СЈО не покажаа знаци на страв и колебање. Продолжија да ја работат својата работа, да се залагаат деноноќно за успех на процесот за излез од кризата. „Туристот“ (за каков што го смета ВМРО-ДПМНЕ, односно Груевски), Ванхауте продолжи да го вози својот велосипед и да твита.
За крај, имајте предвид дека, иако Груевски манифестира краен инфантилизам и неодговорност, тој не е помалку опасен. Етно-верските провокации што ќе следат, мораме да ги пречекаме подготвени, свесни и со отворен ум.
Текстот е објавен во Плусинфо и во Слободен печат на 24 февруари 2016 г.
Оваа вест е достапна и на: Albanian