Извештај на на Рабоната група за превенција за велешкиот регион, на Конференцијата на Цивил ДЕМОКРАТСКИ ПЕРСПЕКТИВИ, одржана на 1 март во Скопје
И покрај фактот што кампањата официјално се уште не е започната, сведоци сме на бурна и тензична атмосфера, која од највисоките партиски структури се рефлектира не само на партиските членови, туку и на симпатизерите, на неопределените па дури и на аполитичните граѓани. Во ВМРО-ДПМНЕ во периодот пред поднесувањето на листите до ДИК, се забележани конфликти и внатрепартиски превирања и лобирања околу можните кандидати за градоначалници, околу носителите и редсоледот на местата на советничките листи. Во СДСМ пак во периодот по поднесувањето на листите е забележано исклучување и јавно понижување и дискредитирање на оние кандидати кои решиле да се кандидираат на изборите, при тоа игнорирајќи го повикот на раководството за бојкот. Иако повеќето членови најавуваат бојкот на изборите има членови и симпатизери кои не се согласуваат со официјалниот став, посебно во оние општини каде имаат реални изгледи да ги добијат изборите.
Иако според чл. 3 ст. 2 од Изборниот законик “никој не смее да го повика избирачот на одговорност заради гласањето, ниту пак од него да бара да каже за кого гласал или зошто не гласал”, јавна тајна е дека партиските членови се подложени на притисок да докажат дека гласале за кандидатите и листите на партијата, но и да докажат дека тоа го сториле и сите оние за кои дале ветување дека ќе ги мобилизираат. Од друга страна од членовите на другата партија се очекува да покажат лојалност, стрпливост и верба во одлуката да се бојкотираат изборите.
Се надеваме дека гласините за списоците на луѓе кои треба да се достават од нивна страна, како и да се гарантира за нив дека ќе гласаат, ќе останат само гласини и грдо сеќавање на претходните циклуси. Иако сега ситуацијата е прилично посложена. Граѓаните се принудени да бираат страна, бидејќи едната партија сака да осигура легитимитет, а другата прави се за да го оспори. Од ова може најмногу да страдаат неопределените и аполитични граѓани кои доколку не излезат на избори ќе бидат етикетирани како поддржувачи на опозицијата и апологети на бојкотот.
Според чл. 69а ст. 1 од Изборниот законик “за изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на организаторот на кампањата, јавно истакнување на плакати, видео презентации на јавни места, изборно медиумско и интернет претставување, дистрибуирање на печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми” ,а според ст. 2 од истиот член “изборната кампања започнува 20 дена пред денот на изборите...”. Мора да констатираме грубо кршење на овој член од страна на политичките партии. Во нашиот регион се забележува јавно претставување на потврдените кандидати и нивните програми како и организирање на забави во организација на партиските подмладоци. Интернетот, социјалните мрежи и новите медиуми секојдневно се (зло)употребуваат за агитација. Претставувањето на кандидатите и програмата се врши во основно училиште што е спротивно на чл. 82 ст. 1 од Изборниот законик кој гласи “предизборните собири не смеат да се одржуваат во воени објекти, верски објекти, болници, домови за стари лица, училишта, детски градинки и други јавни установи”
Во претходните изборни циклуси не се забележани посериозни инциденти на физичко насилство во овој регион. Се надеваме дека и овие избори нема да бидат исклучок, но со оглед на сегашната ситуација и затегнатите односи треба да бидеме внимателни и будно да ја следиме ситуацијата и да го дадеме нашиот допринос кон спроведување на фер и демократски избори.