Продолжен рокот: ЦИВИЛ ќе мобилизира набљудувачи до крајот на март!

ЦИВИЛ – Центар за слобода, во изминатиов период со два мобилни тима го презентираше проектот „Напред!“ во 29 општини во Македонија.

Со поминати неколку илјади километри, беа поделени над 11.000 флаери со едукативни и мобилизаторски содржини – 9.000 на македонски и 2.000 на албански јазик. На тој начин, во директен контакт со граѓаните, опфативме над 30.000 потенцијални набљудувачи на парламентарните избори.

12829326_918076284977508_8658830197371395320_o

Струмица, 06 март 2016

Тимовите на ЦИВИЛ одржаа продуктивни средби со граѓанки и граѓани, со претставници на политичките партии и на невладините организации и дадоа изјави за 25 медиуми, со што јавноста и на локално ниво, имаше можност да добие информации за проектот: “Напред!”, за впечатоците кои ЦИВИЛ ги добива од работата на терен, како и за актуелните политички настани во Македонија.

Граѓаните ја изразија својата скепса околу мирното спроведување на изборите, без нерегуларности и без насилство, па дури и стравуваа дека на 5 јуни воопшто нема да се спроведат избори. Тие го изразија своето незадоволство кон власта, нагласувајќи дека се чувствуваат заборавени, измамени и незадоволни од моменталната состојба во државата на политички, економски и социјален план. Голем број на млади луѓе ни открија дека размислуваат да ја напуштат Македонија, доколку не се променат работите на подобро и за скоро време.

12814145_917573108361159_5392119794723613365_n

Радовиш, 05 март, 2016

Во пресрет на вториот круг на презентација на проектот „Напред!“ низ уште дваесеттина општини, продолжува конкурсот за изборни набљудувачи на ЦИВИЛ.

Граѓаните кои сакаат да аплицираат за изборни набљудувачи, треба да испратат кратка биографија, мотивациско писмо и фотографија на е-адресата [email protected]. Поради одложување на датумот на изборите на 5-ти јуни, ЦИВИЛ го продолжува рокот за пријавување на набљудувачи до крајот на март 2016-та година.

Јавните настани во сите 29 општини, се дел од проектот: “Напред!”. Со стотици акредитирани набљудувачи, над 1.000 граѓански набљудувачи и врвен тим на аналитичари и експерти, „Напред!“ е проект за долгорочен мониторинг на изборниот процес, набљудување на денот на изборите, едукација и јакнење на јавната свест за правата на гласачите.

Проектот „Напред!“, кој започна во јануари и ќе трае седум месеци, се финансира со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа. Проектот се спроведува на национално ниво во 14 регионални центри.

Како и досега, заедно со граѓанките и граѓаните, ЦИВИЛ придонесува и ќе придонесува за создавање услови за слободни избори.

Учествувајте во нашите активности за јакнење на јавната свест за правата на гласачите!

 

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian