Извештај на Работната група за превенција за Скопскиот регион, на Конференцијата на Цивил ДЕМОКРАТСКИ ПЕРСПЕКТИВИ, одржана на 1 март во Скопје
Во текот на изминатиот месец членовите на Цивил започнаа со активно набљудување на предизборната атмосфера и активности во општините во градот Скопје.
Периодот кога започна набљудувањето на теренот,како што сите знаеме, беше исполнет со големи неизвесности ,турбуленции и немири во целата држава што особено се почувствува во нашиот град.
Во почетокот на периодот вниманието на граѓаните беше свртено кон неизвесноста на одржувањето на изборите. Поголемиот дел од населението очекуваше компромисно решавање на конфликтот меѓу двете најголеми партии во државата и одложување на локалните избори.
Од друга страна, членовите на Цивил во истиот период забележаа зголемување на интензитетот на предизборните активности, далеку пред предвидениот и регулрен рок за почеток на кампања, особено од страна на актуелните градоначалници кои се кандидати за уште еден мандат.
Забележан е зголемен интензитет на самопромовирање преку финиширање на одамна започнати проекти ,отпочнување на нови и ветувања дека тие ќе бидат остарени во новиот мандат на градоначалникот.
Во населбите во кои живее население од пониските социјални слоеви кандидатите за градоначалници ветуваат вработувања за да ги придобијат гласачите. Притоа,на овие случувања се забележува и присуство на претставници од владата со цел граѓаните да се здобијат со впечаток дека остварувањето на ветувањата е подржано од повисоки инстанци . Ваквото однесување се смета за манипулаторско,некоректно, недемократско и нелегално во период на скорешни избори.
Исто така,забележано е и зголемено присуството на претставници од Владата на случувања на кои градоначалниците се промовираат себе си. Според сознанијата од теренот, тоа предизвика конфузија кај голем дел од граѓаните кои се збунети и не се сигурни дали се очекуваат локални или парламентарни избори.
Опозициската СДСМ не истакна свои кандидати за локалните избори,но ги продолжи своите активности со протести пред државните институции.
Говорот на омраза е насекаде присутен. Со говор на омраза се служат партиските членови и активисти,пишаните и електронски медиуми,интернет порталите,корисниците на социјалните мрежи.
Низ градот се зголемува бројот на графити со навредлива содржина за одредени градонацалници и партии,но и со националистички тонови. Членовите на тимот на Цивил од повеќе(неофицијални) извори добиваат сознанија дека за овие активности партиите ангажираат малолетни лица. Малолетници или многу млади лица се ангажираат и за предизвикување на други инциденти (провокации,напади на партиски штабови и сл. ). Се говори меѓу луѓето дека за таквите активности дури и им сеисплаќа парична надокнада од страна на партиите. Ова го оценуваме како врвна нерегуларност и злоупотреба во предизбирниот процес.
Најлошо е што говорот на омраза се забележува и меѓу обичните луѓе кои воопшто не се директно вмешани во политиката. Мислам дека никогаш досега ,во нашата нова истораија ,како самостојна држава ,граѓаните на Скопје од македонска националност не биле толку жолчно завртени едни против други според партиската припадност или симпатии. Забележани се голем број нефизички насилства,закани,уцени кон неистомислениците.
Во најнезавидна положба се можеби оној дел од електоратот кој не членува во ниту една партија . Тие се уплашени дека нивното појавување или непојавување на гласање ќе ги етикетира како припадници на една или друга партија и ќе влијае понатаму негативно во нивниот професионален живот. Особен страв се чувствува кај оние кои се вработени во општините или во институции на државната администрација. Забележани се разни видови на суптилни и помалку суптилни притисоци врз нив и нивните одлуки околу изборите.
Ова зборува за ниската демократска свест во државата ,која допринесува граѓаните да се плашат да го остварат своето основно демократско право - правото на глас. Овие сознанија ,со кои Цивил се здоби преку набљудувања и разговори на теренот во Скопје, ја доведуваат во прашање легитимноста на избори кои се одржуваат во таква атмосфера и услови.
Отсуството на дијалог и слух кај двете најголеми партии , а и кај другите политички субјекти во државата,допринесува за ескалирање на негативни чувства кои многу лесно можат да доведат и до поголеми , па и порадикални насилства со наближувањето на денот на изборите.
Можеби е веќе доцна,но сметам дека сите директни и индиректни учесници во спроведувањето на овие избори треба да покажат доблест и несебичност со која ќе ги смират граѓаните и ќе допринесат да бидат спроведени не лажно, туку вистински мирни и демократски избори.