Петнаесет илјади креирани матични броеви кои не се однесуваат на новороденчиња, се само еден дел од недоследностите во непречистениот Избирачки список, вели претседателот на Демократски сојуз, Павле Трајанов за ЦИВИЛ Медиа.
Според него, времето што преостанува до 5-ти јуни, како датум предвиден за предвремените парламентарни избори, е премногу кратко, да се пречисти Избирачкиот список, затоа што многу информации потврдуваат дека во него се вклучени голем број креирани, фантомски гласачи.
“За сé тоа да се пречисти, потребна е теренска проверка. За тоа треба да се обучат голем број луѓе, да се формираат работни групи, веројатно комбинирани со анкетари и со припадник на полиција, и да почнат да работат - од куќа на куќа. Тоа е своевиден попис на населението. Врз основа на теренските резултати, во управна постапка да предложат кој треба да се брише, да се елиминира од списокот. Таа операција е долгорочна и не ќе може да се пречисти Избирачкиот список, и да биде подготвен за на 5-ти јуни да има избори.”
Како поранешен министер за внатрешни работи, Трајанов смета дека МВР има голем удел во пречистувањето на списокот на гласачи, особено во делот на вкрстување на податоци.
“Треба самото Министерство да ги елиминира криминогените матични броеви - 15. 000, како што објави обвинителката Фатиме Фетаи, за кои во предистражна постапка се утврдило дека не се однесуваат на новороденчиња. Понатаму, има 35.000 лични карти кои се најдени во МВР, неподелени. Треба самото Министерство да провери на кои лица им припаѓаат, дали се внесени во Избирачкиот список... Само тие две бројки - 15.000 матични и 35.000 лични карти, покаѓуваат колку е обемна таа операција! Само тоа да се провери... Тука е и носењето на нови гласачи од Пустец. На сé тоа треба да се работи, и на крајот, Државната изборна комисија треба да даде извештај дали е пречистен Избирачкиот список, во кој обем и колку останува за теренска проверка.”
Според Трајанов, доколку се остави простор, повторно можат да се очекуват изборни манипулации, затоа е приоритет да се елиминираат фантомските гласови кои постојат, и на тој начин, да се обезбедат барем минимум услови за фер и демократски избори.
Марија Теговска
Оваа вест е достапна и на: Albanian