Tribunus Civilis (Граѓански суд), на своето второ „рочиште” - “Граѓаните против Политичка партија”, им пресуди на лидерот на владејачката партија и на самата партија, за злосторничко здружување против уставниот поредок на Република Македонија.
Граѓанските судии Трендафил Ивановски, како главен судија, Наталија Поповска и Вики Младенова, истакнаа дека „убиството на судскиот систем“ и принципот на поделба на власт, што се случуваше во изминатата деценија и што доведе до тензично спротиставување помеѓу правото и правдата, се основна причина за денешното судење. Судиите изразија загриженост за уназадувањето на либералната демократија, и за антиуставниот заговор кој има за цел создавање на националистички и авторитарен систем.
Обвинителот Ѓунер Исмаил смета дека, “политичката партија против која се води случајот на Граѓанскиот суд, создала систем кој има за цел да го укине независното судство, и да се постави себеси како единствен легитимен застапник. Системскиот судир со уставните одредби за поделба на власта создава едноумие во секоја пора од општеството.”
Тоа што најмогу загрижува е што не се работи за неукост, туку за намерен заговор против судството. Докази врз кои се темелеше случајот на Обвинителството се судските процеси против Јован Вранишковски, Велија Рамковски, Љубе Бошковски, Томислав Кежаровски.... Презентирани беа и неколку случаи: “Змиско око”, “Пајажина”, “Монструм”... Обвинителството денешниот случај го затвори со емитување на снимките од прислушуваните разговори кои укажуваат на наводни влијанија на политичката партија на власт, во изборот на судии и врз пресуди во конкретни случаи.
Одбраната претставена од Борјан Јовановски, зборуваше за позитивните заложби на владејачката партија во создавање на независно судство. Посочени беа големиот број на обуки, размени и посети кои им беа овозможени на судиите за нивна надградба. Реконструкцијата и новите згради, новиот закон за обвинители, формирањето на Академија на судии и обвинители, беа дел од примерите кои според Јовановски, зборуваат за промените во македонството судство “кое споредено со времето на СДСМ, воведе ред и поредок. Потврда за тоа се и казните клевета и навреда, со кои се регулира медиумскиот простор.” Најсилен доказ врз кои се базираше одбраната е фактот што денес, “судиите се бираат меѓусебно, со тајно гласање, а не во Собрание како што бeше во времето на СДСМ.”
По разгледување на сите приложени докази, судиите на Tribunus Civilis, пресудија дека политичката партија на власт, на чело со лидерот, е виновна за предавство на демократијата и човековите права, и за уривање на уставниот поредок.
“Лидерот и самата партија работеле свесно и со намера од Македонија да создадат авторитарна држава, спротивно на уставниот поредок, и на рушење на демократските принципи, особено на владеењето на правото.”
На првото „рочиште” Tribunus Civilis, им пресуди на обвинетите: Никола Груевски, Гордана Јанкуловска, Сашо Мијалков, Иво Котески и Дејан Митревски-Урко, за обид за прикривање на убиството на Мартин Нешковски.
Марија Теговска
Оваа вест е достапна и на: Albanian