Не бидете слуги на апокалипсата, таа сите ќе не голтне!

Колку фрустрации, зло и деструкција, омраза и егоизам, егоцентризам и лудост, девијација на интелектот треба човек да има, за да го стави народот свој, членовите на партијата кои го донеле на власт, во одбрана на неговите криминални дела?!

Monika Taleska

Пишува: Моника Талеска

Како работат мозочните клетки на вљубениците во злото, поданиците на ѓаволот, кога немаат одговорност ни кон сопствените чеда, ниту кон своето потомство, па наместо извинување и покајување, прифаќање на моралните и законски санкции - како чистилиште низ кое треба да изодат, повикуваат на ново зло, на крвопролевање?!

Што им ја поматува свеста и им го засенува разумот? Хистеризираат ли во паничен страв, па ги водат најблиските по ген и крвоток, до работ на провалијата, ладнокрвно туркајќи ги во пеколот, само за да спасат глава?

Тоа ли е кодот на оние, кои претендираат да бидат вечна власт?

Сите кои денеска без критичка мисла, повторно одработуваат за врхушката, треба да бидат свесни, дека всушност, го бранат беззаконието, ја етаблираат анархијата во државата и тоа во нејзината крајно деструктивна конотација. Треба да станат свесни дека ни Груевски, ни Заев, а најмалку Јакимовски се фактори во нивниот живот. Секој треба да стане свесен, дека држава која со закон го штити криминалот, не е држава во која може да бараат благосостојба и иднина, туку устоличување на средновековната инквизиција, во која и за најчесните ќе одлучат петмина, но и најнечесните ќе бидат ослободени.

Денеска, сите во контратаборот за одбрана на срамната одлука за помилување на изборните криминалци и измамници, треба да бидат свесни дека утре, кога злото ќе тропне на нивната порта, ќе нема веќе правда, зашто криминалецот и за многу помали кривични дела, ќе биде на слобода. И тогаш, ни малку нема да ги засега кој е на власт, но ќе нема ни кој да ги спаси, ќе нема веќе каде да бараат заштита, зашто тие, лично дале легитимитет на безредието. Тие ставиле штембил за амнестија на криминалецот, на некој којшто им ја пие крвта, тивко, подло, бедно, ставајќи ги во оган, само за да си ја заштити кожичката!

Не бидете слуги на апокалипсата, таа сите ќе не голтне!

Оваа вест е достапна и на: Albanian