Државата гори, албанската опозиција се чешла

Одлуката на Уставниот суд, која му овозможува на шефот на државата да помилува лица кои извршиле изборен кримиминал и други сериозни кривични дела, повторно ја поларизираше Македонија. Вчера, од двете страни на барикадите - граѓани. Од едната страна - оние, кои и покрај пеколниот живот и секојдневната борба за опстанок, со достоинство и храброст бараат слобода. Од другата страна -  оние кои умираат секој ден за 200-300 евра и доброволно го прифаќаат ропството и диктатот на партиите на власт.

Пишува: Петрит Сарачини

Пишува: Петрит Сарачини

Вчера и денес, сите ние како граѓани изедовме уште еден срам. Контрапротестантите и организираната фаланга на власта, како и нивните инсталации во Судот, повторно ги ставија законот, Уставот, државата – пред свршен чин. Надвор од законот и со "асистенција" на полицијата, која го спречи легално и уредно најавениот и пријавен протест на граѓаните, но не ги спречи узурпаторите на просторот за овие протести пред Уставниот суд. Надвор од неговите акти, беше донесена одлука да се затвори расправата на судот за јавноста.

Но, едно нешто ме мачи малку повеќе. Синоќа на протестот видов стотици Албанци. Дојдоа неорганизирано и неструктурирано, како слободни граѓани, како што им доликува. Но, каде беше во оваа приказна албанската опозиција, таа која што за ова прашање треба да предничи во мобилизирањето на луѓето? Никаде. Со денови и недели, иако ова прашање ја преокупира јавноста во земјата, не видовме некаква јавна мобилизација или пак јасно и гласно да слушнеме што мислат неколкуте албански опозициски партии за ова. Веројатно имаат поважни работи, како што гледаме ...

Има и од оние кои велат дека ова е конфликт помеѓу Македонците, и дека Албанците не треба да се мешаат во ова прашање. Според оваа логика, излегува дека Уставот им припаѓа само Македонците?!? Невиден политички дилетантизам е да бараш права за Албанците, а да не се мешаш во работите на Уставот. А, оние двајца Албанци во Судот кои гласаа со достоинство, чии се? Крадењето на избори кое на Албанците им го донесе камшикот на Груевски, а со тоа и Енциклопедијата, Монструм, Бродец, убиства, тепање..., не ги интересирало нашите партиски патриоти, кои, по сè изгледа, не гледаат на патриотизмот многу поразлично од ДУИ и ДПА. До знамето и празните зборови. Ниту чекор понатаму.

Некои велат дека нема да излезат за СДСМ и Заев, кој ги поддржа протестите, затоа што не беа објавени "бомбите" за "Монструм". Потполно се согласувам дека требаше да се објават штом веќе беа најавени, и дека македонската опозиција се однесуваше опортунистички и малку ги разочара Албанците и ги изневери големите очекувања што ги имаа од неа. Но, беа објавени многу други батаклаци - од "до смрт", "Индијанци", отворен говор на омраза од страна на врвот на владејачката партија, фаќањето за врат на Албанците, па се до "соголувањето" на ДУИ, симболизирано во оној што сака на Албанците да им биде татко со тоа што ќе им ... мајка. Еве, да речеме дека Заев не е искрен со Албанците, но што е она што го прави албанската опозиција во овој контекст? Потребни ни се повеќе докази за криминалците на власт? Една година помина, со само еден сериозен протест на некоја албанска опозициска партија. Вака мислат овие лепотани да победат на избори?

10603961_923762267742243_2506451570786203865_o

Албанците не се глупави. Доказот за ова го видов и на 17 мај, го видов и вчеравечер. Доказот, но и сметката за ова ќе им дојде и на албанските партии, и на оние во опозиција, и на оние на власт, за време на изборите. Ако продолжат вака, да се занимаваат со самите себе, наместо со реалните потреби и прашања, гласовите на Албанците нема да отидат на нивна сметка. Затоа што ќе им изгорат гласовите, а ВМРО-ДУИ ќе останат на власт. Албанците го знаат ова добро, и пред дилемата – килава опозиција или гласање за помалото зло, ќе го направат својот избор.

Да пукнеш од мака. Особено кога знаеш дека целата оваа работа може да се реши за две минути. Нека се ​​соберат, нека го повикаат народот да излезе, нека работат заедно, и меѓу себе но и со македонската опозиција, на падот на криминалците. Потоа, нека работат сите за што побргу да има редовни слободни избори и, тогаш, нека ги измерат силите.

Сè друго е само демагогија и очигледна демонстрација на неспособноста да се занимаваат со политика во овие клучни моменти за сите македонски граѓани, вклучувајќи ги и Албанците. Или нека поведат, или нека се тргнат настрана.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian