ЦИВИЛ - Центар за слобода, утре доделува пет награди, за граѓанските новинари за февруарскиот циклус на проектот „Граѓански објектив“.
Доделувањето на наградите ќе се одржи во хотелот „Сити Парк“, во Скопје, со почеток од 12:00 часот. Видео и фото материјалите, кои беа подготвени од граѓанските новинари беа придружени од кратки стории кои ги дообјаснуваат прилозите.
Пристигнатите материјали за месец февруари, за натпреварот „Биди граѓански новинар”, ги оценуваше тричлена комисијата на ЦИВИЛ. Петте најуспешни трудови, ќе бидат наградени со вредносни ваучери за набавка на фото, видео и компјутерска опрема.
На настанот се поканети сите учесници и предавачи на семинарите кои беа одржани во рамки на проектот „Граѓански објектив“. Пред доделувањето на наградите ќе се презентира проектот и трудовите на граѓанските новинари.
ЦИВИЛ ги поканува и сите заинтересирани граѓанки и граѓани, како и претставниците на граѓанското општество и медиумите.
Во првиот јануарски циклус на проектот “Граѓански објектив”, ЦИВИЛ додели пет награди за фото и видео материјали кои беа објавени на веб страната на ЦИВИЛ.
Четвртото место го делеа трудовите “Оти ЦИВИЛ нема во Америка”, на авторката Билјана Милановска од Пробиштип и “Владиката Агатангел вдахновен од власта”, од граѓанскиот новинар Димче Велев од Велес. Третата награда комисијата на ЦИВИЛ ја додели на Божидар Барлакоски од Прилеп, за фото-сторијата “Прилеп: Партиска пропаганда и манипулација со малолетници”. Граѓанската новинарка Тања Кангалова од Штип, ја доби втората награда, за видео материјалот: “Немам доверба во никого”. Првата награда ЦИВИЛ ја додели за видео материјалот: “Конвој автобуси за унијата на жените на ВМРО-ДПМНЕ” и текстот „Партиски закани во Унијата на жени на ДПМНЕ“, видео-прилог кој за само неколку часа имаше над 10.000 посети на YouTube каналот на ЦИВИЛ, како и голем број посети на веб страницата на ЦИВИЛ. Авторката на оваа содржина одлучи да остане анонимна.
И следните четири месеци, петте најуспешни трудови секој месец, ќе бидат наградувани со вредносни ваучери за набавка на фото/видео и компјутерска опрема. Највисоката награда на месечно ниво е ваучер во денарска противвредност од 110 долари.
Секој што има паметен телефон, фотоапарат или камера од каков и да е вид, може да биде граѓански новинар и да се вклучи во проектот „Граѓански објектив“.
ЦИВИЛ ги охрабрува граѓан(к)ите активно да се вклучат преку истражување и медиумски активности во развојот на граѓанското новинарство и алармирањето за сите нергуларности кои влијааат врз политичката состојба, преку пријави на закани, учени, политичка корупција, поткуп на гласачкото тело, злоупотреба на јавни ресурси и администрација.
Преку текстови, видео, фото и аудио записи, ќе придонесете заеднички да ја зајакнеме јавната свест и да формулираме јавни барања за слободни избори, засновани на доказите на вашите истражувања преку онлајн активизам, теренска работа, медиумски и јавни настани.
За учество во натпреварот „Биди граѓански новинар“, со пополнување на формуларот, кликнете ТУКА.
Задолжително е материјалите кои ќе ги испраќате да бидат придружени со детален опис на времето, местото, текот на настанот и учесниците во самиот настан. Авторите, како и лицата кои се вклучени во прилозите може да останат анонимни зависно од договорот со авторите и од законската регулатива за овој вид продукција и издаваштво.
ЦИВИЛ – Центар за слобода им се заблагодарува на досегашните учесници и ги повикува и понатаму да продолжат со своето граѓанско активно учество да придонесат за заштита на човековите права и слободи и за демократизирање на општеството.
Проектот „Граѓански објектив“е поддржан од фондацијата National Endowment for Democracy.
Оваа вест е достапна и на: Albanian