Престанете да убивате во името на Алах и во мое име!

„Ќе дојде ден кога убиецот нема да знае зошто убива, а ни убиениот зошто загинал“, рекол Мухамед а.с.

Ова се потврди со вчерашниот бомбашки напад во Брисел каде што загинаа десетици граѓани, а стотина беа повредени. Зошто? Во чие име?

Shkruan::Dehran Muratov

Пишува: Дехран Муратов

Првата помисла што ми се заврти во глава беше „дали се живи луѓето што ги знам во Брисел“? Неверојатно е како за само неколку секунди ми текна на сите роднини и пријатели што живеат таму. Веднаш отворив на социјалните мрежи да видам дали се живи. Откако видов дека сите што ги познавам се добри и не се меѓу жртвите..., се засрамив од себеси, затоа што се израдував дека жртвите не беа „моите блиски“. А тие жртви беа нечии деца, жени, внуци, сестри, браќа...

Зошто се засрамив? Затоа што како муслиман, не правам доволно, не правам ништо за да го спречам теророт. Добив впечаток дека не го практикувам исламот како што треба, бидејќи Мухамед а.с., рекол:

„Кога луѓето ќе видат дека некој прави насилство, па не сакаат да го спречат во тоа, брзо нека чекаат сеопшта казна која Алах ќе им ја испрати“. Во друг негов цитат се вели: „Кој од вас ќе види некое зло, нека го спречи: прво со рацете, потоа со јазикот, а доколку не може да го спречи со рацете и јазикот, тогаш нека го осуди со срцето“.

Прашањето ми е - колку муслиманите низ светот ги осудуваат терористичките напади на ИСИЛ. Или, не сакаат да се р’чнат со нив затоа што се плашат? До некаде ги сфаќам, бидејќи пораката што ја испраќаат ИСИЛ-овите ѕверови, е луѓето да се плашат од нив. На пример, ако некој направи лошо дело, тој нема да се плаши од казната на Алах, туку да се плаши од казната на ИСИЛ.

Алах во светата книга Куранот, вели: „Плашете се само од мене“..., „Јас сум најправедниот судија кој ќе ви суди на судниот ден“..., „Кој ќе убие еден невин човек, како да го убил целото човештво“... Ова се само дел од доказите дека луѓето не треба да се плашат од ИСИЛ-овите убијци.

И во времето на Света војна (Џихад) муслиманите се однесувале праведно кон нивните противници. Пример за тоа е кога во еден двобој, имамот Али ебу Талиб го соборил својот противник и во моментот кога сакал да замавне со мечот да го убие, сфатил дека тоа убиство нема да го направи во името на Алах, туку ќе го направи од омраза кон тој човек. Веднаш го спуштил мечот и му дозволил на противникот да живее.

Медиумите и социјалните мрежи се преплавени со пораки и натписи за терористичкиот напад во Брисел. За жал, такви жални пораки и солзи немаше за терористичките напади што се случија во Анкара и Истанбул, неодамна. Дали за светот, терористички напад е само кога ќе загинат немуслимани? Дали бомбашките напади во некоја муслиманска земја се сфаќаат како дел од нивната „традиција“. Не, драги пријатели, бомбашките напади во Турција, Сирија, Бурма, некаде во Африка..., не се „традиција“ на тие земји, иако нивните жители се изложени на притисок, тортура и смрт, секој ден.

Јас не сакам да живеам во свет каде што на хаштагот: #JeSuis, #Support, #Pray for… ќе треба да додадам само име на град или држава. Не сакам  да постојат такви хаштази, сакам да постои хаштаг - како што се: #love, #соживот… Не сакам да живеам во општество каде што полицајците се вооружени до заби и секој нивни поглед е како да ме осудуваат дека и јас сум терорист. Доста ни е од свети војни на екстремистите - исламисти или крстоносци, оставете нé да живееме!

Ги прашувам оние што одобруваат терористичките напади, дали имаат душа? Исламот не е тероризам!

Ќе завршам со цитатите на Мухамед а.с: „Водете Џихад со помош на вашите добра, со вашите страсти и со вашите јазици“, или, „Најдобра борба, Џихад, е да ја кажеш вистината пред неправедниот владетел“.

 

Оваа вест е достапна и на: Albanian