Внимавајте на својот тон!

Слушам и читам дека некое лице од името на една државна установа се обратило со висок тон во телефонски разговор со претставник на ЦИВИЛ и побарал веднаш да се објави некој демант.

Демантите, колку и да се неосновани и полни со дезинформации, ние ги објавуваме секако. И на тој начин се обидуваме да ја овозможиме дебатата во општеството, нешто што власта го укина долги години наназад. Но, во секој случај, продолжуваме со набљудување и истражување за состојбите. Тоа не може никој да го спречи.

Значи, демантите ги објавуваме затоа што сме принципиелни, а не затоа што некој кренал слушалка и со висок тон се обратил до некој од нас. Тоа мора да го запомните.

Затоа, сега се обраќам на секој што ќе помисли да комуницира со организираниот и освестениот дел на граѓанките и граѓаните на Република Македонија, поконкретно, со Цивилите: ВНИМАВАЈТЕ НА СВОЈОТ ТОН!

Ако мислите дека со високиот тон ќе ги скриете состојбите, ако мислите дека манипулациите, демонизирањето, клеветите и лагите се бранат со „клоци“ и со висок тон – се лажете.

Вашите високи тонови нема да нѐ исплашат. Напротив, ќе го привлечат нашето внимание и уште повнимателно ќе го следиме вашето (не)работење и уште пожестоко ќе критикуваме.

Вие сте платени од граѓанките и граѓаните на Република Македонија. Должни сте да работите чесно, совесно и транспарентно. Високиот тон можете да си го зачувате за себе или да го практикувате со оние што ве пикаат по автобуси и комбиња за да полните плоштади во контрапротести, на наша сметка. Разбравте? Не морате да разберете, но морате ова да го запомните: ВНИМАВАЈТЕ НА СВОЈОТ ТОН!

Џабир Дерала

ЦИВИЛ