Зборувај ми за човекови права

Уметноста е форма на отпор

Мултимедијалниот настан „Уметниците за човековите права“, во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода, денеска, во 18:00 часот, започнува со тркалезна маса на која уметниците ќе дискутираат за улогата и одговорноста на уметникот во креирање на демократско општество, преку борбата против автократијата, кршењето на човековите права и слободи и структурното насилство.

Дел од програмата на мултимедијалниот настан е изложбата на ликовни дела, на која уметничката Дороти Пачкова ќе се претстави со фотографии.

За ЦИВИЛ Медиа, Пачкова го најави настанот како можност уметниците да покажат отпор кон тоталитаризмот и да упатат критика кон сите форми кои го заробуваат умот на граѓанското општество.

„Целта на прогресивните уметници на денешницата е да се уништи привилигираната улога како специјалност на не-специјалистите, и да се признаат различните  начини на пресоздавање на  општеството. Активното учество во изградба на подобар свет, би требало да биде стартна позиција на секој трезвен прво, граѓанин а потоа, и артист. А стартната позиција во голема мера го одредува понатамошниот дискурзивен тек на акциите.

Културата е форма на отпор. Во своето најопшто изразување, критичката уметност е вид на уметност, која ги освестува и разградува механизмите на доминација, ја свртува свеста на гледачот во светот кој цели кон трансформација. Минатовековното разбирање во себе и за себе, "l’art pour l'art" нема никако долгорочно да помогне да се трансформира интелектуалната свесност и глобалните проблематични  ситуации. Што не значи дека такви лартпурлартистички нурнувања не ни се потребни, а можеби на моменти и неопходни. Експлоатираните ретко бараат објаснување на законите на експлоатација а доминантните не остануваат во потчинетост, бидејќи ниту едните ниту другите, немаат доверба во нивната способност на трансформација. Затоа, ние уметниците, како суштествено трансформативни енергии, треба да бидеме предводници и мотиватори и конечно регрутатори и неисцрпни капацитети на отпор кон конформизмот, автократијата, бирократијата и сите строго определени, уталитарни шеми.

Да бидеме реални во нашите барања за подобар свет, ајде уметници, постелете ги полињата со диви нарциси“, изјави Пачкова.

Оваа вест е достапна и на: Albanian