ОДИХР ја започна набљудувачката мисија во Македонија

Со 24 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи, Kанцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права - ОДИХР, денес официјално ја започна Набљудувачката мисија за предвремените парламентарни избори во Македонија.

Набљудувачите ќе бидат распоредени низ цела земја, започнувајќи од 13-ти април. Мисијата ја предводи амбасадорот Јан Петерсен, кој на денешната прес- конференција ја претстави мисијата. Како што изјави амбасадорот, “Мисијата ќе ја оценува усогласеноста на овие избори со заложбите на ОБСЕ и меѓународните обврски и стандарди за демократски избори, како и со домашните прописи”.

DSC_0633

Јан Петерсен

Предвидено е мисијата да одржи средби со претставници на државните власти, на медиумите, на политичките партии и на граѓанскиот сектор, како и на меѓународната заедница во државата.

Како што информираше Петерсен, “Мисијата ќе објави два периодични извештаја во текот на својата работа. На прес-конференција, на денот по изборите, ќе биде објавена изјава за првичните наоди и заклучоци. ОДИХР ќе објави конечен извештај за набљудувањето околу осум недели по завршувањето на изборниот процес”.

Не е предвидено Мисијата на ОДИХР да врши контрола врз теренската проверка на Државната изборна комисија, а ставот на Мисијата по ова прашање ќе биде дел од првиот периодичен извештај.

На денот на изборите, набљудувачите ќе го следат отворањето на гласачките места, гласањето, пребројувањето на гласачките ливчиња и сумирањето на резултатите.

“За набљудувачката мисија на ОДИХР, 5-ти јуни е датумот според кој, тие ги планираат своите активности, за било каква промена на датумот за избори, локалните власти се тие кои треба да одлучат”, истакна Петерсен, одговарајќи на новинарско прашање.

Марија Теговска

Оваа вест е достапна и на: Albanian