На онлајн анкетата „ДИК и Избирачкиот список“, која ЦИВИЛ – Центар за слобода ја спроведе во периодот од 23 март до 31 март, на првото прашање „Дали сметате дека Избирачкиот список е регуларен?“ – 91,53% од анкетираните граѓанки и граѓани сметаат дека Избирачкиот список не е регуларен. Сепак, 86,30% од нив веруваат дека објавувањето на Избирачкиот список на јавен увид е позитивен чекор на ДИК.
Онлајн анкетата беше спроведена во рамки на проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“, а од добиените резултати се детeктира ставот на граѓан(к)ите за неправилностите во Избирачкиот список и дали е доволно времето за прочистување на списокот до 5 јуни.
Во анкетата учествуваа 816 испитаници.
Сите анкетирани имаа можност да одговараат на 8 прашања поврзани со работата на ДИК и со нерегуларностите поврзани со Избирачкиот список.
На прашањето „Дали и сами сте увиделе неправилности во Избирачкиот список“, 75,65% од анкетираните одговориле позитивно, а дури 91,75% од испитаниците одговориле негативно на прашањето кое се однесува на одлуката на ДИК за повлекување на апликацијата за пријавување на нерегуларности во Избирачкиот список.
![Q7 MK](http://civil.org.mk/wp-content/uploads/2016/04/q7-mk-500x231.png)
Дали сметате дека ставањето на Избирачкиот список на јавен увид на начинот на кој тоа беше направено е позитивен чекор?
Може да се заклучи дека оттаму произлегува сомнежот на 76,90% од анкетираните за можноста Избирачкиот список да биде прочистен за одржување на веродостојни избори на 5 јуни.
![Дали сметате дека Избирачкиот список може да се прочисти за да се одржат веродостојни избори на 5 јуни?](http://civil.org.mk/wp-content/uploads/2016/04/q10mk-500x253.png)
Дали сметате дека Избирачкиот список може да се прочисти за да се одржат веродостојни избори на 5 јуни?
Сепак, на прашањето „Како ја оценувате досегашната работата на ДИК“, од вкупниот број на анкетирани, 0,12% е разликата меѓу оние кои се сé уште воздржани, односно, не можат да ја оценат работата на ДИК ниту позитивно, ниту негативно (33,99%) и оние кои дале негативна оценка на работата на ДИК (34,11%).
Дури 89,63% од испитаниците веруваат дека работата на ДИК се опструира, а високи 91,98% веруваат дека опструирањето на нивната работа доаѓа од власта.
Во претходната онлајн анкета „Договорот од Пржино и изборите“ која ЦИВИЛ ја спроведе во период од 22 февруари до 1 март, најголем процент од испитаниците сметаа дека работата на Специјалното јавно обвинителство е попречувана.
Проектот „Слободни избори за слободни граѓан(к)и“ е финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Биљана Јордановска
Оваа вест е достапна и на: English