На денешната прес конференција, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев, ги потврди вчерашните ставови на СДСМ и здружената опозиција за бојкот на изборите на 5 јуни. Тој истакна дека од трите клучни услови од Пржинскиот договор, одвојување на партијата од државата, реформи во медиумите и прочистување на Избирачкиот список - ниту еден не е исполнет.
Заев ги повика сите опозициски партии, граѓански здруженија, активисти и сите граѓани на Македонија на учество во заедничка платформа со цел на остварување на заложбите за слобода, демократија и слободни и фер избори.
„Груевски и Ахмети со едностраната одлука ги направија изборите невозможни. Повикувам на здружување во заедничка платформа. Изборите нема да ги гледаме на телевизија. Ќе продолжиме заедно да се бориме за нашата Македонија“, истакна Заев на попладневната прес конференција.
Лидерот на СДСМ истакна дека и покрај оставките, министрите на СДСМ ќе продолжат да ги вршат нивните должности и нема да дозволат да ги кршат законите и функционалноста на институциите со кои управуваат, иако недоставувањето на оставките во Собранието од страна на премиерот Димитриев го оцени како „заробување“ на министрите во оваа Влада против нивната волја.
Во однос на улогата на меѓународната заедница и притисоците кон СДСМ за оваа одлука, Заев информираше дека во текот на минатиот ден имал интензивни разговори и со комесарот Хан и со другите дипломати, оценувајќи ги нивните напори како пријателски и добронамерни.