Можноста за организирање на слободни, фер и демократски избори, која е одговорност како на државните институции, така и на политичките партии, беше изгубена на 6 април, соопштија во заедничката изјава, евроамбасадорот Аиво Орав и американскиот амбасадор Џес Бејли. Тие утринава, со заедничка писмена изјава се изјаснија за политичката ситуација во Македонија.
„ЕУ и САД ги поддржуваат сите партии и другите учесници во процесот на нивната работа за создавање услови за кредибилни избори. Ова подразбира прочистување на Избирачкиот список, спречување на било каква форма на заплашување или притисок врз гласачите и обезбедување фер медиумско покривање. Извесен прогрес е направен на овие полиња, но останува уште многу работа. Тоа е одговорност, не само на државните институции да подготват кредибилни избори, туку и на политичките партии. На 6 април се пропушти таква можност“, се вели во заедничката изјава.
Бејли и Орав потенцираат дека ја поддржуваат досегашната работа на ДИК, како и на граѓанскиот сектор, и дека будно ќе ги следат сите случувања пред изборите.
Изјавата е потврдена на официјалниот твитер-профил на американскиот амбасадор Бејли, а истата ја пренесува и француската амбасада на својот официјален твитер-профил.
Според Федерика Могерини, висок претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, во претстојниот период, треба да биде имплементиран Пржинскиот договор.
„Во оваа смисла, имплементацијата на политичките договори, вклучувајќи итни реформски приоритети, е од огромна важност. Заедно со САД, ние заеднички ги поддржувавме сите партии и во овие напори и ќе продолжиме да го правиме тоа во следните, важни недели. Ги повикуваме сите партии да останат целосно посветени на договорениот процес“, изјавила Могерини.
Ситуацијата пред изборите останува неизвесна. ЦИВИЛ – Центар за слобода, преку своите проекти, активно ќе се вклучи во мониторингот на изборите и ќе ги забележува сите нерегуларности и злоупотреби во соработка со граѓан(к)ите на Македонија.
ЦИВИЛ опстојува на ставот дека Владата треба да си даде оставка, а изборите да бидат одложени барем до септември.