Првиот (самораспуштен) парламентарец Трајко Вељаноски го поддржа своевидниот државен удар кој го изведе власта преку својата марионета Ѓорге Иванов. Тој вели дека нема уставна и законска можност да закаже седница на парламентот за да ги презакаже изборите, а ниту да свика седница по поднесувањето на иницијативата за утврдување на одговорност за лицето кое ја окупира функцијата претседател.
Овде, на самиот почеток, поднесувам иницијатива за утврдување на деловната способност на Ѓорге Иванов. Тој не делува како присебен човек веќе подолго време, но особено откако проговори. За ова не е потребна седница на Собранието, туку само лекарски преглед кој Иванов мора да го помине.
Вељаноски немаше уставно право да закаже противуставни и противзаконски избори. Па ги закажа. Уставниот суд носи противуставни одлуки, судиите делуваат противзаконски и ги уриваат принципите на владеење на правото, владата и партиите на власт се потонати во криминал, а сите тие зборуваат за Устав и закони.
Апсат и тепаат демонстранти кои во налет на револт искршиле неколку прозорци и запалиле неколку столчиња, осудуваат гладни што украле ќебапчиња или продавале коприви, а ваму еден недоветен узурпатор носи апсурдни акти за аболиција на своите газди, со што и себе си се иззема од одговорност. И вели дека пак ќе ги аболира.
Иванов со години молчи. Сите некако ја прифатија оваа фигуринка која молчи и со која сите си поигруваат – и неговите стопани и неговите опоненти. Хорхе, мутавко, глупчо, лоботомизиран и што уште не слушнавме и прочитавме за него во годините на неговиот молк во улогата на Претседател на државата, институција која ја посрамоти до нејзино разобличување и безвредност. За во последно време сите и да го заборават. Од време на време, само називот Хорхе ги заменуваше сите овие гледишта на јавноста за него.
Но, Иванов покажа дека располага со одредена (сепак, ниска) способност за говор. Во своите разулавени настапи во јавноста тој успеа да ги прегази сите демократски принципи и да ги навреди меѓународните пријатели на Македонија. Покажа, со својот однос кон државата и граѓаните, дека му е единствено важно да ги исполни задачите кои му ги дава неговиот стопан Никола Груевски, осомничен криминалец, апаш и изборен арамија.
Спасот на Иванов е само во тоа да се утврди дека неговата деловна способност е намалена и дека не знаел што прави кога ги нападна и навреди државите кои со децении ја помагаат нашата земја.
„Не може амбасадорите да глумат шерифи во Македонија“ – тресна Иванов. Од каде мисли тој дека го црпи легитимитетот и кредибилитетот?! Дали беше свесен за значењето на своите зборови?! Дали може некој да се однесува така и да опстане на политичкото небо во една цивилизирана земја?! Или сака да ја урне секоја можна цивилизациска норма и достигнување, за да го овозможи дивеењето на тајфата која и него го донесе на власт?!
Ако се утврди дека Иванов, сепак, поседува деловна способност, тогаш мора да одговара за соучесништво во тежок криминал, злоупотреби и изборни кражби, но и политичка одговорност за континуирано уривање на имиџот на нашата земја и разнишување на добрите односи со нашите меѓународни пријатели.
Срамен е падот на Иванов. Тој, професор и автор, кој дел од моите колеги го помнат како спиритус мовенс на издавачки и други проекти важни за ова општество во деведесеттите, па и порано, основач на Школата за млади лидери од која сега се откажуваат револтираните алумни, па и член на Советодавното тело на ЦИВИЛ, чиј претставник е авторот на овие редови – тој човек си дозволи да спадне на мизерното ниво на соучесник на арамии, единичари и насилници. И да го позајми или да дозволи еден криминалец кој изгубил контакт со реалноста да му го натури својот вокабулар. Тој човек сега изгледа како да му фали нешто.
Груевски е криминалец. И сите што се под негова контрола и мислат дека мораат да бидат обични ламарини и вреќи со слама, затоа што, божем, тој им дал работа или некоја трошна плата, треба да знаат дека се слободни човечки битија на чија страна се Уставот и законите. Тие треба да му кажат НЕ на узурпаторот Груевски, НЕ на неговиот криминал и насилништво. Треба да знаат дека нивното НЕ ќе биде ДА за демократијата и слободата. Не смеат да бидат „клоцата“ на Груевски, бидејќи таа иста клоца ќе си ја удрат токму себе си и на своите сограѓанки и сограѓани. Автобусите со кои ги превезуваат се платени со нивни, наши пари и со парите на нашите деца. Нека ги искористат за превоз за да се придружат на револтот против криминалот и корупцијата.
За крај, ги замолувам и демонстрантите и полицајците да се воздржат од употреба на сила едни кон други. Како што кажав и на 17 мај - под тие шлемови има мозок, зад тие штитови чука срце. Полицајците се наши сограѓани кои ние ги плаќаме да го бранат Уставот и законот, да се грижат за нашата безбедност. Неколку искршени прозорци и запалени згради кои се претворени во арамиски дувла е ниска цена за демократијата, слободата и владеењето на правото.
И да! Барам итно ослободување за уапсените во немирите!