По повод одлуката да се распишат предвремени парламентарни избори, ЦИВИЛ – Центар за слобода соопштува дека ни оддалеку не се создадени услови за одржување слободни, кредибилни и фер избори на 5 јуни 2016 година.
Овој став, ЦИВИЛ го темели врз основа на извештаите од долгорочното набљудување на состојбите на теренот.
Политичката состојба во земјата секојдневно се влошува, а тензиите и насилството кои ескалираа во последните неколку дена, дополнително создаваат непремостливи пречки за одржување на избори во мирна и безбедна атмосфера. Договорот за надминување на политичка криза не е целосно спроведен, а и тие делови од Договорот кои се спроведоа, трпат постојани опструкции од власта.
Работата на Специјалното јавно обвинителство кое треба да им даде правна разрешница на индициите за масовни злоупотреби, криминал и изборна кражба извршени од највисоки функционери на власта – постојано се опструира. Со последните потези на Уставниот суд и на Претседателот на државата, работата на оваа институција се доведува во прашање.
Избирачкиот список не е прочистен, медиумите се сè уште под речиси целосна контрола на власта, секојдневно гледаме очигледни примери дека партијата и државата не се одвоени и дека масовно се злоупотребуваат државните ресурси и јавните пари за скапа, агресивна и валкана партиска кампања. Структурното насилство и кршењето на човековите права и слободи се континуирани.
Институциите во континуитет се злоупотребуваат во партиски цели. Вработените во администрацијата се под постојан притисок и закана по работното место доколку не работат стриктно по налог на партиите на власт. Социјално загрозените категории на граѓани се уценувани, работниците, земјоделците, студентите, пензионерите – се манипулираат и се доведуваат во недостоинствена позиција со цел да се принудат на послушност кон партиите на власт.
ЦИВИЛ ќе продолжи со набљудување на изборниот процес, без оглед на тоа како тој ќе се одвива понатаму и без оглед на најавениот бојкот од партиите на опозицијата.
Тим од триста луѓе низ целата земја секојдневно ќе ги набљудуваат состојбите и редовно ќе ги известуваат граѓанките и граѓаните за сите случаи на злоупотреби во изборен контекст. Сметаме дека на тој начин ќе придонесеме кон јакнење на јавната свест и мобилизација на граѓанките и граѓани да земат активно учество во процесите за надминување на сериозната криза со која се соочува нашата земја.
Бројката од 300 луѓе симболично се совпаѓа со бројот на Спартанците кои ја одбранија демократијата на стариот свет. Со својот тим, како и секогаш, ЦИВИЛ ќе се стави во одбрана на човековите права и слободи на сите граѓанки и граѓани на Република Македонија и ќе придонесе кон враќање на демократијата и владеењето на правото во земјата, за што пресуден услов е организирање на слободни избори.
Оваа вест е достапна и на: Albanian