Протестите на граѓаните на Битола продолжуваат и денес. Вечерва во 19,00 часот на плоштадот „Магнолија“ демонстрантите ќе бараат оставка на градоначалникот Владимир Талески, како реакција по вчерашната прес-конференција на Специјалното јавно обвинителство каде беше обелоденет криминал „тежок“ околу 360.000 евра, поврзан со превозот на битолските средношколци. „Градоначалникот Владимир Талески веќе нема ни етичка ни професионална подлога да владее со градот“, се вели во текстот за настанот на Фејсбук.
За настанот „Битола нема да те помилува“ се очекува голема посетеност. Освен оставката на Талески, битолчани ќе побараат и оставка на претседателот Ѓорѓе Иванов и одложување на изборите на 5 јуни, како и ослободување на сите приведени демонстранти во Скопје.
„Битолчани ќе останат во Битола да ја водат својата борба!“, известува набљудувач на ЦИВИЛ – Центар за слобода од Битола.
Денес е трет ден на протестите во Битола. Првиот ден на протестот се појавиле околу 500 граѓани, а вчера дури 3.000. Вчера имало судир со полицијата, но немало повредени.
Битолчани имаат и конкретни барања наведени на самиот Фејсбук евент:
1.Ќе ги вратиш сите пари! (за Талески)
2.Со протестот ќе ја вратиме општинската зграда во наши раце!
3.Оставка на претседателот на Република Македонија поради срамниот обид да ја попречи правдата и да ги аболицира криминалците!
4.Конечно,бараме итно суспендирање на отпочнатиот процес на распишување на парламентарните избори !
На денешниот протест, битолчани ќе извикуваат „ Нема правда – нема мир! Тие порачуваат: „Припадниците на МВР се наши сограѓани, вината е на друго место. Повикуваме на ненасилие, но и на решеност да одиме до крај. Повик и до оние битолчани кои вчерашниот ден отидоа на протести во Скопје без разлика од која партија беа. Нека останат во Битола и нека протестираат за Битола во својот град! Нема партија, нашата партија е Битола! Тоа е нашата порака!“