Продемократските протести продолжуваат утре

Иницијативата #Протестирам објави дека протестите ќе продолжат утре (понеделник, 18 април). Протестите започнуваа во 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство, во знак на поддршка на оваа институција. Рутата на демонстрантите во текот на изминатите денови го вклучуваа Собранието на Република Македонија, Владата, Министерството за правда, канцеларијата на Ѓорге Иванов, полициската станица „Центар“ и седиштето на ВМРО. 

Синоќа, најбранет објект во градот беше седиштето на ВМРО.

IMG_5624

Седиштето на ВМРО, најсилно заштитен објект во Скопје, 16 април 2016

Тимовите на ЦИВИЛ постојано се меѓу демонстрантите и редовно известуваат за случувањата на улиците на Скопје. Набљудувачките тимови на ЦИВИЛ низ целата земја секојдневно известуваат за состојбите во нивните региони.

Да потсетиме, барањата на #Протестирам се:

  1. Оставка на Претседателот на Републиката поради срамниот обид да ја попречи правдата и да ги аболицира криминалците;
  2. Отпочнување на процес за избор на експертска влада, која ќе го подготви теренот за вистински слободни, кредибилни и демократски избори и која ќе го помогне, наместо да го саботира соочувањето со правдата на политичарите и властодршците за сторените кривични и криминални дела;
  3. Конечно, бараме итно суспендирање на отпочнатиот процес на распишување на парламентарни избори.

Ставот на #Протестирам е дека:

„Овие протести се на сите граѓанки и граѓани. Протестите ни припаѓаат на сите нам, обединети во лутината кон тековниот безизлез и во поривот за подобра иднина, која е поставена на демократски темели. Ги повикуваме и припадниците на полициските сили да ги спуштат штитовите и да ни се приклучат на вистинската страна на оваа борба!“

СЕ ГЛЕДАМЕ НА УЛИЦИТЕ! - се вели на крајот од повикот на протести. Хаштагови на протестите се: #Протестирам и #Protestoj.