Се прошири листата на барања и на градови во кои се протестира

Продемократските протести продолжуваат и денеска (вторник, 19 април) во Скопје, во истото време – 18,00 часот и на иста локација – пред Специјалното јавно обвинителство, во знак на поддршка на институцијата од која граѓаните очекуваат враќање на правната држава.

Барањата на демонстрантите денеска се надополнети со четири нови и тоа:  Произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО; Формирање на специјално одделение на Кривичниот суд, кое ќе биде надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО; Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата и формирање преодна влада која докрај ќе ги имплементира итните реформски приоритети од извештајот на Прибе.

Продолжување на листата со барања е резултат на најавата дека во петок во Виена ќе се одржи средба со лидерите на четирите најголеми партии во Македонија со европските претставници

И попладнево и вечерва, тимовите на ЦИВИЛ ќе бидат меѓу демонстрантите и редовно ќе известуваат за случувањата на улиците на Скопје.

Покрај протестите во Скопје,  Битола, Велес, Куманово, Струмица и Штип,  денеска за прв пат ќе се протестира  во Прилеп и Кочани.

Набљудувачките тимови на ЦИВИЛ како и во изминатите денови и денеска ќе известуваат за протестите низ целата земја.

Марија Теговска

Оваа вест е достапна и на: Albanian