Тројцата новинари од Косово, меѓу кои и Илир Ајдини, инаку македонски државјанин, кои полицијата ги приведе во близина на Собранието на Република Македонија, беа задржани речиси три часа, по што беа пуштени, наводно, со опомена - во иднина да постапуваат по наредба на униформирано лице.
Новинарската екипа, инаку уредно пријавена, беше приведена во полициската станица „Центар“. Во текот на тричасовното задржување, биле детално испрашувани и биле третирани како тешки престапници. Иако побарале да им биде издадена потврда за приведувањето, полицајците им рекле - прво, да поднесат писмено барање.
Новинарската екипа се пријавила денеска на македонско - косовската граница, со намера да направи информативен прилог за состојбите во земјава. Во близина на Собранието биле запрени од полицијата и биле приведени без посебно образложение, иако поседувале и презентирале новинарски легитимации и уредно се претставиле.
ЦИВИЛ – Центар за слобода остро реагира на овој инцидент, го осудува ваквиот третман на новинарите и апелира до полицијата да не ја попречува работата на новинарите и набљудувачите.