Прилеп се разбуди, масовен продемократски протест

„Оставка, оставка...“, „Нема правда, нема мир...“, скандираа  неколку илјади прилепчани на мирен граѓански протест што почна од 18 часот, пред камената бина, на плоштадот Александрија во центарот на градот. Насмеани лица, граѓани кои досега не учествувале на политичките митинзи на партиите, беа дел од оваа демонстрација на граѓанско незадолство.

Демонстрацијата на граѓанското незадоволството, започна со обраќањето на претставникот на иницијативата #Протестирам, Јане Ѓорѓиоски, кој од овој протест порача итно да се повлече одлуката за парламентарни избори на 5 јуни и задолжително да бидат вклучени независни претставници на граѓанското општество во преговорите во Виена.

Со транспаренти со поддршка на СЈО во напорите за целосно расветлување и откривање на сите кривични дела, чии актери се високи политичари на оваа ненародна власт, како што рекоа, демонстрантите се упатија по булеварот кон Градската куќа.

Објектот беше чуван со силно полициско обезбедување, но демонстрантите мирно и достоинствено, со слогани и повици за оставка, го покажаа незадоволството колку од централната, толку од локалната власт.

Протестот заврши без никаков инцидент или конфликт. „Прилеп се буди, се враќа демократијата, нова светлина се раѓа, градот од денеска има нов лик“, забележуваа многу демонстранти во меѓусебните разговори, и самите изненадени што во толкав број се собрале да искажат револтот од оваа влада и последната одлуката за аболиција, што ја донесе претседателот Ѓорге Иванов на 12 април.

Протестот ќе продолжи и утре во истиот термин, 18 часот, пред камената бина во центарот на градот.

Моника Талеска