Протести и во Прилеп, Штип и Кавадарци

Јајца врз прозорците на новата општинска зграда фрлаа демонстрантите во Прилеп, вчера на едночасовниот масовен, продемократски протест на којшто присуствуваа преку 2.000 граѓани. Тие со свирежи по улиците, со скандирање пароли „Нема правда, нема мир!“, „Готови се!“, „Лопови!“, го изразуваа своето незадоволство колку од централната, толку од локалната власт.

Беа пуштени аудио снимки од аферата `Прислушување` на разговори меѓу, како што тврди и сега опозицијата, истакнати политичари од Прилеп, во локалната и централната власт.

„Бараме, итно повлекување на одлуката за аболиција на политичарите, за кои има основани сомневања дека се актери на сериозни кривични дела, итно повлекување на одлуката за избори на 5-ти јуни, барање продолжување на преговорите овде во Македонија, директна вклученост на граѓанскиот сектор во текот на преговорите, исполнување на главните реформски приоритети според Извештајот на Прибе, за надминување на политичката криза..“, акцентираше граѓанскиот активист, Филип Попоски.

Протестите ќе продолжат и денес, но час подоцна, (19 часот) пред Камената бина, во центарот на Прилеп.

Поранешната фонтана во Штип, вчера на вториот протест по ред, беше обоена во повеќе бои. На овој начин, и Штип се приклучи на„Шарената револуција“ која веќе втора недела се одвива во Скопје. Протестот започна од Основниот суд.  Како што набљудувачите на ЦИВИЛ – Центар за слобода од овој град известуваат од терен, протестот завршил мирно и без инциденти на малиот плоштад кај поранешната „Нама“, каде демонстрантите слушале дел од “бомбите“ и искажале поддршка за Специјалното Јавно обвинителство.

За  контра-протестот во Сопје, организиран од ГДОМ, дел од вработените беа пуштани порано од работа околу 14 00 часот, а наредбите за задолжително  присуство, и овој пат, беа проследени со закани. Автобуси беа распределени во населбите каде ги собираа контра-демонстрантите, речиси од пред нивните куќи. Поради слабата заинтересираност, автобусите тргнаа речиси еден ипол час подоцна од планираното.

Протестот во Кавадарци започна од новиот центар на градот кон општинската зграда. Како што за ЦИВИЛ информираше набљудувачот од Кавадарци, кавадарчани повторно побараа оставка од претседателот Иванов и одложување на изборите закажани за 5-ти јуни.


 

Прилогот го подготвија долгорочните набљудувачи на ЦИВИЛ, во соработка со граѓанските новинари од Битола и Куманово