Шести ден по ред, граѓанките и граѓаните на Велес протестираат по улиците во централнотоградско подрачје. Според информациите од долгорочните набљудувачи на терен, повеќе од 1.000 демонстранти вечерва се движеле по улицата „Благој Ѓорев“, покрај кафе-баровите во центарот на градот, до плоштадот С’рмаале.
Протестот завршил мирно, без инциденти. Според најавитем викендот што претстои велешани нема да протестираат. Нови протести се најавуваат за в понеделник, 24-ти април.
Незадоволството од одлуката на Ѓорге Иванов, повторно денеска го искажаа и охриѓани. Според извештајот од набљудувачите од овој регион, жителите на Охрид, на денешниот протест добија поддршка и од стружани. Протестот се одвивал мирно, а десетици јајца завршил врз општинската зграда. Како што може да се забележи од фотографијата која поддржувач на ЦИВИЛ – Центар за слобода ја испрати во редакцијата на ЦИВИЛ Медиа, од прозорците во Судот, граѓанките и граѓаните кои протестираа - беа тајно снимани.
Вечерва повторно поддршка за граѓанската иницијатива „Протестирам“ и во Куманово. Уште еднаш беа истакнати барањата за повлекување на одлуките за аболиција и за избори на 5 јуни и оставка на претседателот Иванов. Протестот започна пред Основниот суд, по што поворката се упати кон улицата „11 Октомври“, каде што демонстрантите фрлаа боја на асфалтот и испишаа пораки на улицата “Нема правда, нема мир“.
На овој начин и кумановчани и се придружија на „Шарената револуција“ која втора недела секојдневно ги обојува објектите на јавните институции и спомениците од проектот „Скопје 2014“, во главниот град.