Македонците во Велика Британија, попладнево, во Хајд Парк, во Лондон, во знак на солидарност со граѓаните на Македонија кои се борат за враќање на правната држава и за реанимација на демократијата, организираа протест „за мир, правда и демократски промени во Македонија“
Со поддршка на пријателите на Македонија во Велика Британија, македонската заедница во Лондон протестира во знак на солидарност со граѓанските протести во Македонија за слобода, правда и еднаквост.
Во соопштението на македонската заедница се изразува загриженост за политичките случувања во Македонија, се осудува одлуката на Ѓорге Иванов за амнестија на политичарите обвинети за измама, корупција и други сериозно криминални активности кои го повредуваат владеењето на правото и се изразува целосна поддршка на демонстранти.
Македонската заедница од Лондон, од денешниот протест ги испратила следните барања:
„Итно повлекување на одлуката да се аболицира кој и да е, кој е под истражна постапка или кривично гонење од страна на Специјалното јавно обвинителство; неотповиклива оставка од Иванов од позицијата претседател на Република Македонија; итно произнесување на Уставниот суд за уставноста на Специјалното јавно обвинителство; Формирање на специјално одделение во Кривичниот суд за случаите покренати од СЈО; Итно повлекување на одлуката за организирање на парламентарни избори на 5–ти јуни; итно вклучување на претставници на независното граѓанско општество во процесот за решавање на кризата и формирање на преодна Влада која целосно ќе ги имплементира итните реформски приоритети од ‘Извештајот на Прибе’“.