Трета недела по ред протести во Битола. Повеќе од 1.000 битолчани и денеска излегоа на улиците во градот, да го изразат својот револт и уште еднаш да ги повторат своите барања.
Според информациите од терен од набљудувачите на ЦИВИЛ – Центар за слобода од овој град, протестот се одвивал мирно, без насилство. “Шарената револуција”, станува сé поприфатена и во Битола, а и денеска, врз општинската зграда биле фрлани јајца и боја.
“Битолчани потсетија дека и покрај тоа што политичарите врз кои се води истрага се аболицирани од претседателот Иванов, тие нема да имаат мир каде и да се појават. Народот нема да ги аболицира”, се вели во извештајот на граѓанскиот новинар од Битола.
[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=FRFTW_O89j4&feature=youtu.be[/youtube]
Потврда за ваквиот став е и денешната герила-акција која група граѓанки и граѓани ја направија за време на одбраната на докторската дисертација на Гордана Јанкулоска, која е на листата на аболицирани политичари.
Според најавата, ни дождот нема да ги спречи жителите на Битола и утре да излезат на протест, во 19 часот на плоштадот „Магнолија“.