Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), денеска во 13,30 часот, организираше мирен протест пред зградата на Министерството за култура.. Протестот започна со изведба на македонската химна, а синдикалците пред Министерството носеа транспаренти: „Ние сме носители на културата“, „Конзерваторските центри не се јавни куќи“, „Конзерваторите заштитуваат нешто највредно, а се платени најбедно“, „1 судија = 4 доктори на науки“, „Музеите не се дупки за глувци“, „Даватели на јавни услуги вработени во сектор - државна проституција“...
„Вработените во институциите од културата го искажат својот револт за донесувањето на измените во Законот за културата од 2014 година, во кои се предвидени забрани, казни, рестриктивни мерки се со цел да се гуши уметноста и луѓето да бидат контолирани секаде и секогаш. Тоа нема да го дозволиме, кој и да дојде на власт, во првите 100 дена да го повлече законот, во спротивно, сите синдикални организации ќе стапат во штрајк! Ако за министерката за култура е достоинствено за еден виолинист, којшто се изградува од 5-годишна возраст и се гради во готов продукт - 20 години, да има нешто над просечна републичка плата, како најголем дел вработени во културата, тоа е срамно“, изјави Виктор Илиески, претседател на СКРМ.
Тој истакна дека протестираат и за ниските плати, за недонесувањето на нов колективен договор за културата повеќе од 10 години, за ангажмани на вработените во културата надвор од матичните установи без соодветни дневници. Протестираат и за неисплатување на теренски додатоци по основ на одвоен живот, на отежнати услови за работа, на изложеност на надворешни влијанија, за невалоризирање на стекнатите стручни звања и нивна исплата, како и за забрзаното спроведување на систематизациите во институциите од културата.
Илиески нагласи дека овој протест нема политичка тенденција и дека не е организиран од политичка партија, ниту има било каква поврзаност со актуелните политички случувања во Република Македонија. Протестот е исклучиво од синдикален карактер чија цел е барања за подобри услови на вработените од културата во Република Македонија.
Пред Министерството за култура уметниците со своите инструменти свиреа хаотично, за илустративно да докажат колку е хаотичен Законот за култура. За време на протестот е слушнаа и песните „Сé е под контрола“ од Тони Зен и „Како је лепо бити глуп“, од „Рибља чорба“.