Во организација на граѓанското движење „Протестирам“, Тетово денеска за прв пат се приклучи на протестите кои веќе трета недела се организираат низ целата држава. Причина за протестот и во Тетово е аболицијата на Иванов и барање за одложување на изборите на 5 јуни.
Според информациите од набљудувачот на ЦИВИЛ од Тетово, протестот бил масовно посетен од повеќе илјади граѓанки и граѓани. Карактеристично за овој протест е неговата мултиетничност со големо учество на Македонци, Албанци, Турци и Роми.
Протестите започнаа пред Основниот суд во 19 часот, па потоа продолжија по улиците на Тетово, се до Народната канцеларија на Иванов, која пред една недела беше демолирана и каде демонстрантите беа најгласни .
“Се извикуваше „Нема правда, нема мир!“, „ОСтавка!“, „Иванов лажго!“, „Али лажго!“, „Затвор не ти бега, Никола!“,и беа скандирани имињата на обвинителките од СЈО, Катица Јанева, Фатиме Фетаи и Ленче Ристеска, во знак на поддршка за нивната работа”, се вели во извештајот од Тетово.
Забележливо било значително присуство на полицијата, но протестот поминал мирно. Протестот завршил на улицата “Борис Кидрич” околу 21 часот.
“Само еден час порано, протест одржа и ГДОМ кој беше многу помалку посетен, со 200-300 поддржувачи на ГДОМ, претставени само тврдото партиско членство на ВМРО-ДПМНЕ од Тетово. Информациите кои се појавија на некои портали, а кои известија за масовен протест на ГДОМ во Тетово се целосно неточни”, појаснува набљудувчот на ЦИВИЛ.