Граѓанската асоцијација „МОСТ“ на денешната прес-конференција соопшти дека Владата и надлежните институции не успеале да обезбедат услови за одржување на фер и кредибилни избори на 5 јуни.
Иако, согласно Договорот од Пржино, прочистувањето на Избирачкиот список требаше да придонесе кон зголемена доверба во истиот, а со тоа и во целокупниот изборен процес, според „Мост“, досегашниот процес на прочистувањето на Избирачкиот список не влева доверба во неговиот квалитет. Асоцијацијата тврди теренската проверка на Избирачкиот список не била спроведена транспарентно, а дека - иако ДИК на последните седници усвојувала збирни извештаи за спроведување на теренската и административната проверка - тие извештаи не се објавени на нејзината веб-страница. Исто, како и конечниот извештај од теренската проверка усвоен на 26 април.
„Мост“ потенцира дека јавноста не смее да биде информирана и да донесува заклучоци за процесите, само врз основа на изјави на одделни членови на ДИК.
Според асоцијацијата, формата во која првично бил објавен Избирачкиот список и можноста за пријавување на сомнителни гласачи овозможиле до ДИК да пристигнат 6.795 пријави за сомнителни гласачи, но дека сé уште не е постапено по околу 3.000 пријави, односно, дека се проверени само оние избирачи кои се појавиле во резултатите од вкрстените проверки, а дека до денес, не е отстранет од списокот ниту еден избирач, освен оние кои се починати,
Во соопштението до јавноста, „Мост“ ја објавува и бесплатната телефонска линија за пријавување на изборни нерегуларности: 080 080 080.