Граѓани на Република Македонија што живеат во странство, поднесоа Петиција за слобода, демократија и владеење на правото до својата земја со низа барања кои се совпаѓаат со барањата истакнати од граѓанското општество, иницијативите и опозицијата во последните три недели. Голем дел од тие барања се совпаѓаат и со препораките на ЦИВИЛ, граѓанското општество, експертите и меѓународната заедница.
Нашите сограѓанки и сограѓани што живеат во странство бараат:
- Респект за основните права, слободи и достоинство на граѓаните
- Итно повлекување на одлуката на Претседателот за амнестија на сите политички и јавни лица под истрага на Специјалното Јавно Обвинителство
- Непречена работа на Специјалното Јавно Обвинителство
- Итно повлекување на одлуката на Собранието за јунски избори
- Ефикасно и непречено формирање на техничка влада
- Владеење на правото во сите сфери на политичкиот, економскиот и општествениот живот
Ние, граѓани на Република Македонија што живеат во странство, ќе продолжиме да ги поддржуваме овие цели без оглед на било какви разлики меѓу нас - национални, верски, политички, културолошки.
Република Македонија и нејзините граѓани заслужуваат влада на која што можат да и веруваат, влада што ќе им служи на нивните интереси - наместо на интересите на лица на јавни функции, или специјални групи и елити - влада што нема да користи популистичка реторика за да се оддржи на власт, влада на посветени професионалци кои што ќе работат за доброто на сите граѓани на својата земја.
Вие, членовите на актуелната влада на Република Македонија, не сте успеале да остварите ниту една од овие цели. Имајте достоинство да го прифатите тоа и да дозволите позитивна промена!
Петицијата за слобода, демократија и владеење на правото може да се потпише ТУКА.