Прилеп: Смрт на фашизмот, слободата на народот!

Со пораките „Смрт на фашизмот, слободата на народот“, „До слобода, до победа“, „Нема правда, нема мир“ прилепчани вечерва протестираа низ центарот на градот.

По вообичаеното обраќање на граѓанските активисти, на камената бина, слободарскиот марш продолжи по булеварот, кон споменикот „Карпалак“. Со партизанската „Бела чао“, „Имам душа, ама не сум војник“ кои ечеа низ центарот и старата чаршија, демонстрантите ширеа позитивна енергија низ градот. Многу вработени по дуќаните, особено на булеварот ги следеа со насмевки своите сограѓани, кои се охрабрија и секој ден се сѐ побројни и поодлучни во намерите, преку мирни протести да ја вратат демократијата во државата.

„Задоцнив, но не смеам да пропуштам, овој протест никако, зашто за нашата иднина се работи“, вака се поздрави еден граѓанин со нашата екипа, трчајќи да им се придружи на демонстрантите. За овој и дел други прилепчани, со кои разговаравме вечерва, борбата за враќање на владеењето на законот и демократијата како фундаменти на нашето општество, треба да биде бескомпромисна.

„Не ни останува ништо друго освен да протестираме мирно и секој ден, упорно за да го покажеме нашето незадоволство, што значи црвен картон за оваа власт“.

„Оваа влада мора да си оди,мора да сфати дека нема веќе поправен испит, таа создаде само криминал сите овие години, нам ни треба влада којашто ке ја изгради повторно државата и која ќе работи одговорно и чесно за иднината на својот народ“.

Протестот како и обично заврши пред Градската куќа, обезбедувана од десетици полицајци со панцири. Девојките со шарени чадори, како симбол на „Шарената револуција“, застанаа пред полицајците за да спречат врз нив да слета некое јајце или боја, со коишто беа обоени прозорците на општинската зграда.

Протестот продолжува утре во 19 часот, во центарот на Прилеп.

Моника Талеска