Сандра Гавриловска: Медиумите зрачат искривена слика за реалноста

На Светскиот ден на слободата на медиумите, најголем дел од македонските медиуми во етерот зрачат искривена, односно извитоперена реалност или илузија - тврди правната експертка, адвокатката Сандра Гавриловска за ЦИВИЛ.

Гавриловска која и самата учествувала во повеќе судски процеси поврзани со новинари, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите ни одговори што таа мисли за слободата на медиумите кај нас. Според неа, во Македонија медиумите се строго контролирани од власта и се дел од причината за моменталната политичка криза.

Една од причините за најсериозната политичка криза во која се наоѓа Македонија (од 2001 година до сега) е токму медиумската нетранспарентност и корумпираност, односно строго контролираното медиумско информирање од страна на владеачката политичка партија (читај: државата) – изјави Гавриловска.

Гавриловска има долгогодишно искуство и контакт со лица од медиумскиот простор и ваквите случаи. На прашањето дали состојбата со медиумите е подобрена или влошена во однос на минатото, таа вели:

Во услови на автократско и строго партиско владеење, во Македонија, веќе подолг период, не може да се зборува за слободни и објективни медиуми, ниту пак за слободно, објективно и независно медиумско информирање. Континуираното загрозување на слободата на медиумите, несомнено влијае на севкупниот демократски амбиент во кој се наоѓа Македонија. Затоа, слободата на медиумите, или во нашиот македонски случај: ослободувањето на медиумите од стегите и контролата на власта, е повеќе од значаен предуслов за враќање на изгубените демократски вредности и конечно за излез од политичката криза.


ЦИВИЛ - Центар за слобода покани неколку експерти и уредници да дадат свое мислење за состојбите со слободата на изразувањето и медиумските слободи. Овој серијал е дел од проектот за изборен мониторинг - Напред!, финансиран со германски средства од Пактот за стабилност на Југоисточна Европа.

Оваа вест е достапна и на: Albanian