Шарена револуција

Шаренило насекаде. Шарена Влада, шарено Собрание, шарени лавови, воини на коњи, шарен суд, шарени чадори, а шарен и ДИК, шарени кордони полиција... Скопје доби на колорит со Шарената револуција. Илјадници граѓанки и граѓани одлучија дека револтот, разочарувањето, бесот и очајот во кој ги доведува лудилото на грст политичари ослепени од моќ, но и промените кои се неизбежни за крај на нивното криминално „царување“, можат креативно, ненасилно, а сепак гласно и протестно да влијаат на демократската преобразба и начинот на владеење.

biljana jordanovska

Пишува: Биљана Јордановска

Повеќе од половина месец улиците на Скопје, секој ден, со почеток во 18 часот, одекнуваат од чекорот и гласот на незадоволните граѓанки и граѓани.  Игнорантскиот отпор од извиканите челници на државата од ден на ден ги надополнува барањата на демонстрантите: повлекување на аболицијата, неотповиклива оставка на Ѓорѓе Иванов, одложување на изборите предвидени за 5 јуни, произнесување на Уставниот суд за уставноста на СЈО, стоп на полициската бруталност... „Нема правда, нема мир!“ и сé додека таа  правда не биде задоволена демонстрантите најавуваат пролетна и летна и шарена и бучна и револуција која се шири низ градовите во Македонија во духот на слободата, еднаквоста, демократија и правдата.

[youtube width="600" height="400"]https://www.youtube.com/watch?v=wekQlbnEtqU[/youtube]

Во пресрет на денешните протести, една година од протестот пред Владата по објавените разговори од опозицијата за убиството на Мартин Нешкоски, прашање е дали „шарените револуционери“, како вчера ќе „бомбардираат“ со боја, а ќе ги штитат полицајците со кабаници, или барем ќе се обидат.

На вчерашниот протест, полицајците љубезно ја одбија понудата на демонстрантите да се заштитат од прскањето со боја. Новинарите ја прифатија понудата за заштита не само на нивната гардероба, туку и на камерите и фотоапаратите коментирајќи дека сега може без проблем и дожд да истура, а не само боја.

13178761_959952380789898_1177134606245384254_n

Скопје 4 мај 2016

Како што посведочил и мојот колега Дехран Муратов, она што ги разгневи, но не и обесхрабри демонстрантите беше „љубопитниот“ снимател кој ги снимаше од прозорец на просториите на ДИК. Можеби сликите и снимките му требаат на заменик министерот Митко Чавков за избор за „алманах“ на МВР за најзгоден/а демонстрант/ка, прокоментираа демонстрантите  и снимателот го „поздравија“ (со кренат среден прст).

13100838_959953524123117_8882486187577771015_n

Пред ДИК, 4 мај 2016

Сепак, сликите и сеќавањата од 5 мај 2015 година можат да го разгорат гневот кон неправдата и бруталното однесување на полицијата кога голем број на демонстранти со физички повреди и вербални напади го завршија протестот, а никако да не ги заборавиме и оние кои беа приведени и обвинети за своето граѓанско право на мирен протест. Се разбира, на сметка на оние кои се приклучија кон протестот да исценираат насилна состојба која и доведе до ескалација и судир на полицијата со демонстрантите.

Демонстрантите, со пружена рака на помирување, со недели наназад се обраќаат и до полициските сили заеднички да им се стави крај на насилството, бруталноста, криминалот и слепата послушност.