ЦИВИЛ - Центар за слобода најостро ги осудува вандалски напади врз приватниот имот на активистите и критичарите на власта. ЦИВИЛ го повторува барањето до институциите да ги заштитат граѓанките и граѓаните и да ги почитуваат човековите права и слободи, слободата на изразувањето и правото на протест.
Вандалското однесување против активистите и критичарите на власта нема да ја подобрат ситуацијата на осомничените за злоупотреби, корупција, криминал и изборна кражба.
Оваа реакција на ЦИВИЛ доаѓа по веста за вандализирањето на станот на уредникот на Плусинфо и Слободен печат Бранко Героски во Охрид, на чии ѕидови се испишани графити со заканувачка и навредлива содржина.
Во изминатиот период, мета на вандализам се имотите на повеќемина гласни критичари на актуелната власт. Кафулето „Излет“ во Скопје беше вандализирано пред една недела, бидејќи сопственикот на локалот е поддржувач на Шарената револуција. Боја била фрлена и врз седиштето на Хелсиншки комитет во Скопје. Домот на активистот Алек Гочев, исто така, беше вандализиран, додека пред домот на активистот Илија Балтовски од Битола имаше „посета“ од стотици поддржувачи на ГДОМ...
Активистите за човекови права, интелектуалци и јавни личности се цел на јавни повици за линч, вандализам, вербални и физички напади веќе со години. Постојат сериозни индиции дека тие напади се оркестрирани или поттикнати токму од власта. Нивните акции против слободномислечките луѓе не дадоа никаков резултат, освен што уште повеќе го урнисаа имиџот на власта во земјава и надвор од неа.
Институциите мора да се истргнат од партиска контрола и да почнат со функционирање според законите!