Сите знаеме за обвиненијата на ГДОМ за наводни илјадници евра кои им се исплаќаат на оние кои секојдневно протестираат. Кој е Вашиот став за уцените, притисоците, и пораките со заканувачки содржини кои им се испраќаат на учесниците на контра-протестите, кои ГДОМ во Скопје ги дочека со потготвени транспаренти и пораки? - беше прашањето кое претставник на ЦИВИЛ -Центар за слобода му го постави на Александар Пандов од ГДОМ.
Прашањето е засновано на големиот број на пријави и извештаи кои секојдневно пристигнуваат во ЦИВИЛ и кои посочуваат токму за начинот на кој ГДОМ, како продолжена рака на власта ги мобилизира своите поддржувачи. Пандов избегна да одговори на ова прашање. Според него, учесниците на контра-протестите биле насмеани и среќни што се дел од собирот.
Пандов не даде конкретен одговор ни на останатите прашања кои му беа поставени од учесниците на дебатата во организација на ЈЕФ Македонија.
Дебатата ја организише ЏЕФ, по повод 25 години од постоењето, на тема: „Occupy All Streets: Кога институциите ќе стивнат“, а дебатираа Малинка Ристевска - Јорданова од Институт за европска политика, Симона Спировска, граѓански активист од Шарената револуција и #Протестирам, Александар Пандов од ГДОМ, Биљал Касами од БЕСА и Џелал Хоџиќ, граѓански активист.
Симона Спировска, зборуваше за нејзината вклученост во Шарената револуција, која како што таа истакна, не е шарена само поради боите кои се користат, туку е шарена поради луѓето кои протестираат.
На ова се надоврза и Биљал Касами, потенцирајќи дека протестот на Албанците на 9-ти мај, не претставува поделеност туку е дополнителна вредност на протестите во Македонија. Организирањето на контра-протестите за Касами е нелогично тоа што луѓе кои веруваат во институциите излегуваат на улица да ги бранат. "Значи со самото излегување на улица не веруваш во институците, не веруваш во Владата, во полицијата, дека можат да се справат со луѓето кои протстираат, и единствениот начин за изразување на несогласувањето со институциите кој им останува на граѓаните, го окупираш", беше дилемата која ја постави Касами.
За Александар Пандов "Груевски не е ни Бог, ни полу Бог, само еден супер лидер кој ја води Македонија напред".
За напредокот на државата во изминатите десет години, иронично зборуваше Џелал Хоџиќ, кој се осврна на извештаите според кои Македонија во поглед на медиумите веќе не е слободна држава, а просечната нето плата е најниска во регионот. Посочи дека сме „држава со политички затвореници, монтирани судски случаи, крадени избори, аболиција на криминалци, прислушувани над 20.000 граѓани, масовно иселување на над 450 илјади луѓе, според податоците на Светска Банка... - е ова е тој напредок кој го живееме и против кој се бориме“, заврши Хоџиќ.
"Оваа власт не може да направи реформи и не може да ги исполни условите поставени од меѓународната заедница, ниту тоа што го бара Шарената револуција. Треба да се зборува за визија за понатаму. Сите се плашат од зборот редефинирање, но мора да се зборува за тоа", посочи во своето излагање Ристевска - Јорданова.
Едно од прашањата кое предизвика голем интерес кај присутните, беше поврзано со ставот на Пандов за затворање на граѓанските организации кои „работат за разнебитување на државата“. На тоа Пандов одговори: "Јас оодговорно тврдам дека, доколку во Париз се уништат Ајфеловата кула или Лувр, тоа ќе резултира со апсења и затворање на организации".
Како одговор на ова аналитичарот Суад Мисини, еден од присутните, се обрати до Пандов, посочувајќи на неговата некометентност да зборува врз база на негови силни уверувања. "Јас одговорно тврдам - во 2016 година во Македонија, не значи ништо, се дебатира со факти. Во Франција закон за граѓански организации постои 115 години, и не постои организација која е затворена како што Вие тоа го замислувате. Во 1991 година, во Париз имаше демонстранции против покачување на цената на лебот, штетата од тие протести беше 4 милијарди долари. Никој не отиде во затвор, никој не беше затворен, ни една организација не беше затворена".
Марија Теговска