Граѓанската иницијатива од Загреб, за поддршка на протестите во Македонија на сатиричен начин одлучи да го изрази своето несогласување со аболицијата на 56 лица поврзани со корупција, изборен криминал и други кривични дела.
Митре Георгиев, еден од организаторите на протестот во Загреб, за ЦИВИЛ Медиа изјави: "Иако целата ситуација воопшто не е смешна единствено со сатира може да се одговори кога рационалниот пристап постанува бесмислен. Видовме дека нашиот пристап делуваше бидејќи властите веднаш се уплашија и ги презедоа сите мерки за да ја укинат аболицијата. Сепак ние сме дијаспора, владеачките структури со воведувањето на право на глас за дијаспората, не повика да кажеме нешто во таа смисла, па тоа и го правиме", вели Георгиев.
Обидите на владејачката партија на различни начини да ги сопрат граѓанките и граѓаните да протестираат, нема да им успеат сметаат поддржувачите на Шарената револуција од Хрватска.
"Сите спинови кои се употребуваат, но и апсењата, застрашувањата нема да спречат да се искаже ставот за она што е најбитно, а тоа е во какво општество сакаме да живееме. Дали сакаме да живееме во општество во кое ќе се казнуваат сите форми на криминал, дури и кога тоа е чин на највисоките функционери, или во општество во кое ќе се казнуваат само оние кои укажуваат на тоа. Тука е посебно важно да се нагласи дека тенденциите на кршења на човекови права не се ограничени само на Македонија, и во тој дел државите исклучително добро соработуваат: бегалската криза е еден пример, а друг пример е подршката да се одржат избори кога нема услови за тоа. Затоа потребно да се бориме против нив, секој ден, на секој можен начин, насекаде. Затоа уште еднаш ги подржуваме сите иницијативи во Македонија кои се борат за тоа да живееме во подобро општество", e пораката која ја испрати Георгиев од Загреб.
Марија Теговска