"Став наместо страв", беше пораката на продемократските протести на Шарената револуција денеска, 24 мај. Протестите започнаа пред 43 дена како спонтан собир на граѓанки и граѓани, по скандалозната, нелегитимна и нелегална акција на претседателот Иванов, кој донесе акт за аболиција на 56 лица против кои се води кривична истрага во Специјално јавно обринителство.
И денеска, поворките од демонстранти се собраа прво пред СЈО, а потоа продолжија кон Владата и кон Собранието. На протестот беше поставена макета на затвор, во која зад решетки беа ставени кукли со ликовите на аболицираните Никола Груевски, Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Мартин Протуѓер и Сашо Мијалков. Пред присутните се обратија Лидија Димова, пратеничка во Собранието и Рената Јајоска, членка на СДММ која порача: "Ние сме здружени, тие имаат закани. Ние имаме став, тие имаат страв!".
По информацијата дека на информативен разговор утре се повикани извршната директорка на Хелсиншки комитет за човекови права, Уранија Пировска и проф. Мирјана Најчевска, раководителка на Центар за човекови права и разрешување конфликти, Шарената револуција на својот Фејсбук профил, ги повика своите поддржувачи на собирање пред полициската станица Беко во 8. 45 часот.