„Во овие, над 40-тина денови протестирање низ 26 градови во Македонија, на улица излегле меѓу 100 и 150.000 различни индивидуи, бидејќи не се истите луѓе секој ден на улица, а тоа е спектакуларна бројка имајќи предвид во какво општество живееме, под какви услови, под какви притисоци“, вели во разговорот за ЦИВИЛ Медиа, Марјан Забрчанец, граѓански активист и шарен револуционер.
[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=ChQ1edyF1JQ[/youtube]
Што е Шарената револуција?
Забрчанец: Шарена револуција е протест на умот, на срцето и на стомакот заради тоа што луѓето кои протестираат, сите ние кои протестираме секој ден по улиците, кристално (им)ни е јасно дека нé краделе, нé лажеле и газеле низ живи луѓе и разумно е таквите да си одат и да бидат казнети. Затоа велам дека Шарената револуција е протест на умот, на разумот, но Шарената револуција е протест и на срцето, бидејќи луѓето коишто протестираат, стојат еден до друг, здружени, веруваат еден во друг, веруваат дека е можно да биде и подобро што е директно поврзано со чувствата коишто произлегуваат, да речеме, од срцето. Но, Шарената револуција е протест и на стомакот, протест на гладот и на гневот. Верувам дека гладот и гневот излегуваат од стомакот и затоа потенцирам дека Шарената револуција и „Протестирам“ како движење, се протест на разумот, на срцето и на стомакот. Мора да признаеме дека најгладните и најсиромашните сé уште не излегле на улица во масовен број, ќе биде многу лошо за власта, ако тоа се случи!
Што бара разумот, што бара умот?
Забрчанец: Разумот бара криминалците да одат во затвор, бара подобро утре, разумот бара реформи, ослободување на мислата, ослободување на просторот за слободно изразување и овозможување на слободно изразување на политичката волја. Разумот значи политичка манифестација на сé она со што просечниот, и било кој граѓанин во Република Македонија се соочува на секојдневно ниво, сé она што го мачи во животот, а сака да биде променето. Разумот бара Ѓорѓе Иванов веднаш да ја повлече аболицијата, граѓанството да се вклучи во процесот на решавање на кризата, да се чуе гласот на граѓаните и во таа смисла ме радува што веќе по улиците чекорат партиски членови, граѓани на политички партии коишто потврдуваат и се согласуваат дека и непартиските граѓани мора да бидат застапени и во решавањето на кризата и нивниот глас мора да биде уважен.
Кој е ефектот од протестите?
Забрчанец: Повеќеслоен е ефектот, прво излупена е уште една лушпа од режимот, а јас велам лушпа по лушпа - слобода. Понатаму, омасовена е бројката на луѓе кои се одважија и решија да излезат на улица. Според мои слободни проценки, во овие над 40-тина денови протестирање низ 26 градови во Македонија, на улица излегле меѓу 100 или 150 илјади различни индивидуи, бидејќи не се истите луѓе секој ден на улица, а тоа е спектакуларна бројка имајќи во предвид во какво општество живееме, под какви услови, под какви притисоци. Меѓу 100 и 150 илјади индивидуи се одважиле и рекле дека вака веќе не оди и дека тоа мора да се промени. Според мене, тоа е постигнување на форматот, на начинот, на суштината на Шарената револуција. Ова боење на грдите споменици - симболи на режимот е уште едно ослободување коешто може да се толкува како успех на Шарената револуција, ослободување и охрабрување да се обележи, да се мапира секој симбол на автократскиот и корумпиран режим на Никола Груевски. На ниво на фактографија, едно од барањата на Шарената револуција веќе е исполнето, Собранието се состана и ги одложи изборите. Се разбира дека тоа е само едно од неколкуте барања, ќе следува уште борба, ќе следуваат уште акции, бидејќи граѓаните заслужуваат, криминалците коишто ги газеле и гмечеле да одговараат, граѓаните заслужуваат слобода, граѓаните заслужуваат правда, повеќе леб и подобра живеачка.
Кои се предизвиците во организациската поставеност во однос на Шарената револуција, со што таа се соочува?
Забрчанец: Јас немам комплетен увид во вкупната организација, бидејќи протестите и Шарената револуција немаат ниту еден центар на организација, ниту се координираат од некое централно место. Постојат различни групи на граѓани, различни индивидуи, различни структури коишто помагаат во различни делови во манифестација на тој револт, на тој отпор. Во таа смисла, не гледам некој посебен предизвик во организацискиска смисла. Предизвик е како, со какви методи да се исполнат и останатите барања и она што веќе се наѕира. Секојдневно граѓаните тоа го зборуваат на улица, кого и да го прашате, ќе ви каже дека доколку власта наскоро не се свести, ќе следи радикализирање на формите на отпор, односно, веројатно менување на начинот на манифестација на незадоволство. Што тоа значи, мислам дека никој не може прецизно и на ниво на дефиниција да каже, бидејќи различните граѓански групи, различните индивидуи самостојно одлучуваат на кој начин ќе дејствуваат во рамки на Шарената револуција, или надвор од неа.
Сепак, кои се следните чекори на шарените револуционери?
Забрчанец: Никој не може да ги предвиди прецизно следните чекори на Шарена револуција, она што јас го очекувам е менување на формата. Би рекол дека граѓаните мора да протестираат секој ден и понатаму во различни форми, не можеби во сите градови, и во разни форми, со менување на формата. Очекувам од граѓанските организации и од неформалните групи и движења, поинтензивна артикулација на политички ставови, односно, артикулација на политички ставови на едно повисоко ниво. Покрај осумте краткорочни барања, мислам дека ќе биде неопходно – граѓаните, преку своите здружувања, граѓански организации, неформални групи и движења, да излезат со план. План што ќе го достават на увид на јавноста, на политичарите, план што ќе значи - ова е нашиот минимум, нашиот ултиматум којшто го поставуваме за излез од кризата! Граѓаните добро знаат што треба да се случи во Македонија, за Македонија да излезе од ова премрежје: тоа е преодна влада, транзициска влада, техничка, експертска и политичка, каква сакате, меѓутоа влада којашто ќе исполнува јасен акциски план. Влада ослободена од партиското влијание, влада што ќе работи во интерес на граѓаните и што ќе ја подготви земјата за слободни, фер, демократски и кредибилни избори.
И, до кога со Шарената револуција?
Забрчанец: До исполнување на осумте барања и, би рекол, до овозможување услови за фер демократско и слободно изразување на политичката волја во Македонија.
Биљана Јордановска
Дехран Муратов