За жртвите на режимот

Да бидеш жртва на режим е исто како да се бориш со духови. Не те убиваат, но ќе се зачудиш што сé ќе преживееш и дали воопшто ќе преживееш, и ќе можеш ли воопшто да живееш. Невидливите сили се толку моќни што уништуваат сé околу тебе, со таа разлика што духовите и невидливите сили се реални, живи луѓе.

Пишува: Оливера Доцевска

Пишува: Оливера Доцевска

Она што е најстрашно е дека не знаеш кој, како, од каде и кога ќе нападне. Суптилни се, прикриени, невидливи, а нападите - недокажливи.

Премногу е обемно, истрајно и прикриено тоа зло кое те удира од сите страни, остануваш без поддршка, немаш долгогодишни пријатели, сестра, роднини..., немаш кому да се пожалиш, кому да објасниш, како да објасниш...

Твоите најблиски те прогласуваат за неспособен, асоцијален, те оцрнуваат во јавноста, а оној кој ќе поверува во твојата болка и прогон, бега од тебе, за да не му се одрази, не сака да слуша и те замолчува.

Полека, еден по еден, те напуштаат сите, и оние последните кои останале (кои си ги сакал/а), мислејќи дека ги искористуваш за пари, а ти, всушност, само бараш помош од пријатели да преживееш, бидејќи вратите ти се насекаде затворени.

Потоа, работиш и за без пари, само за да не полудиш.

Постигнуваш успеси. Те има во весници. Стануваш познат на јавноста. Без пари.

Никој не верува дека немаш, не верува во она што ти се случува.

Па, погледни ја, како изгледа, озборуваат зад грб. А ти/таа се смее(ш) секое утро, за да не плаче(ш), како секоја ноќ.

На крајот, во таа битка остануваш сам, исцрпен и очаен, без средства за егзистенција и едноставно, како во 1984 година, во аголот - чекаш да умреш, општествено или од некоја болест, бидејќи, и така со години немаш здравствени картони... А, бидејќи си личност од познато семејство, сега веќе јавна личност,  кога ќе отидеш на лекар, ти се потсмеваат и те омаловажуваат.

Достоинството? Го чуваш како најскапоцено нешто, зашто, само тоа ти остана.

Се самоутешуваш и самозалажуваш: „Не, јас не сум за жалење, па погледни го целото знаење, искуство, биографија, ќе станам ова утро, ќе се насмеам и ќе биде подобро.

Но, секое наредно е исто, уште поцрно. Голотата, нема крај.

Да, помисли ќе заврши... Еве, целото општество стана на нозе, 17-ти мај 2015. Но, веќе е 30-ти мај 2016, и сé е исто.

Ги гледаш очите на твоето дете кога ти бара тетратка, сладолед, а ти не можеш да му ги купиш,

И така, во тој маѓепсан круг, се прашуваш вреди ли, вредеше ли, сето тоа, да немаш 20 денари в џеб да му дадеш на детето за кифла? Сепак, се тешиш, се самоубедуваш - вреди, да, не можам против себе!

Твоите родители не се бореа за тебе, те обвинуваа кога се бореше против неправдата, дека ја загрозуваш својата иднина, а ти не можеше, да не постапуваш по својата совест.

Си велиш, и сигурен си. Јас, ќе се борам за моето дете.

Па, дури и по цена на борба и против оние кои се претставуваат за борци и лидери, а за кои знаеш кои се и што се, кои беа пред пет години... За да им ја разоткриеш маската, да разберат другите дека тоа се оние кои го држат општеството во агонија со својата арогантност, протекционизам, желба за моќ, пари, титули, дека не се ништо подобри, од овие, актуелниве.

И така, во тој маѓепсан круг, годините минуваат, и сé некако, врви по истиот пат.

Има ли крај? Не го гледаш, по две години некаква револуција, која ја прогласија за „Шарена“. И која изгледа како подбивање, за нас, жртвите на режимот кои смртно сериозно, УМИРАМЕ. На секој можен начин.

Кога знаеме дека така живееме, во пекол, речиси 10, а со оние претходно - 26 години... Роднини и пријатели ни умираа на улица по штрајкови, од оние кои сега бараат правда, мир и слобода... Простете, од нивните деца, кои се борат за уште повисоки функции, па дозволуваат да им се стават лисици на раце.

Единственото решение, останува, да се замине. Но, каде?

Во своето сопствено ли предавство, кое ќе биде откажување од своето Јас.

Далеку оттука, доколку е возможно, колку подалеку, што подалеку, за моето дете, да не умира, во исти услови, како јас сега.

Среќното детство и младост? Веќе е само сенка. Сон, Илузија, за кој не веруваш дека некогаш си го живеел.

Останува само зборот, писмото, кое еден ден ќе го напишеш, ако преживееш.