И битолската полиција повикува активисти на „информативни разговори“

Учесниците на протестите во Битола, денеска повикани на информативни разговори во СВР Битола.  ЦИВИЛ Медиа разговараше со Александар Ѓоргиев, еден од активистите кој утрово беше во полициска станица, во врска со неговото учество на протестите, кои веќе втор месец секојдневно се организираат во Битола.

“Нè повикаа според членот 243 став 2 од Кривичниот закон, кој се однесува на направена штета врз културно наследство, што нема врска. Очигледно, сакаат да направат притисок, затоа што немаат докази. Тие кажаа дека располагале со снимки од протестите, но знаеме како тие снимки се добиени. Јас им кажав дека протестирам редовно, и дека не го кријам тоа и не сакам да го кријам тоа. Се гледа дека е притисок, по атмосферата се забележа дека и на полицијата и е смачено.  Процесирано е тоа што им е кажано, беше само краток разговор. Морам да кажам дека беа коректни, инспекторот беше коректен", истакна Ѓоргиев кој зборуваше и за начинот на кој бил спроведен информативниот разговор.

„Тоа им е наредено, да доаѓаат со полициски комбиња, да прават фама, да гледаат комшии... Вчера во 17,00 часот, дојдоа кај мене дома, со полициско комби, со полиција и ми доставија покана, за денес во 9:30 часот. На крајот од разговорот ми беше кажано дека исказот ќе биде разгледан, исто и доказите. Инспекторот ме информираше дека тој понатаму нема надлежност, само го води информативниот разговор. Им оставив мој телефонски број, следниот пат да ме повикаат телефонски, да не доаѓаат со полициски комбиња, доволно е да се јават и ќе се пријавам”.

13268542_969289153189554_8413193159941474554_o

Битола, 19-ти мај 2016

Според Ѓоргиев, притисоците кои ги вршат врз граѓанските активисти и врз учесниците на протестите нема да им успеат.

"Нема шанса да престанам да одам на протест, не ми е ни на крај  памет. По ова, протестите ќе  продолжат и ќе има и повеќе луѓе, токму поради тоа што се трудат да ни вршат притисок", изјави Ѓоргиев.

На информативни разговори, во изминатиот период беа повикани и активисти во Скопје, Прилеп, Крива Паланка... Но, што се однесува на снимките кои се споменуваат како доказ според кој се повикани на информативни разговори во полиција учесниците во протестите, адвокатот Звонко Давидовиќ, изјави дека "она што го снима полицијата не е валиден доказ затоа што е неовластено снимање".

Оваа вест е достапна и на: Albanian