Сулејман: Системот ги згмечи сите закони!

„Граѓанските новинари се последната барикада на слободните медиуми, последната линија на отпорот против корпоративната политика на корумпираните моќници“, цитираше граѓанскиот новинар Хадис Сулејман на мултимедијалниот настан „За слобода на изразувањето“.

[youtube width="600" height="344"]https://www.youtube.com/watch?v=sdUtoFTxpAQ[/youtube]

„Меѓународните стандарди, напредните закони кои ја бранат слободата на изразувањето и медиумските слободи, државни механизми за заштита на демократијата, комисии и регулаторни тела... Сето тоа, во тажниот и тревожен пример на Македонија, се покажува како подложно на корупција, извитоперување, манипулација и диктат на една клика. Сите стандарди и закони паднаа згмечени од чизмата на еден систем кој го разработи една клика што на својата агенда нема ништо друго, освен да се освои и задржи моќта, а моќта да се употреби за да се украдат што е можно повеќе пари и уште повеќе моќ...

Но, на тоа му дојде крајот. Граѓанските новинарки и новинари му дадоа ново темпо, нова енергија на ова време - невреме. Тоа што медиумите одбираат да го прикријат, граѓанските новинари го откриваат. Тие се новите воини на страната на фактите и вистината. Граѓанските новинари истражуваат, снимаат, фотографираат, прават интервјуа, прибираат сведоштва и докази за сè што моќниците го кријат преку своите медиумски манипуланти“.


На мултимедијалниот настан посветен на слободата на изразувањето и слободата на медиумите, на граѓанското новинарство и на активизмот „За слобода на изразувањето“, што во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода се одржа на 1 јуни, во центарот на Скопје, на присутните им се обратија шестмина новинари, граѓански новинари и активисти.
Томислав Кежаровски на македонски јазик, Арбана Ќерими на албански, Синиша Станковиќ на српски,  Хадис Сулејман на турски, Дехран Муратов на ромски и Ермин Климента на босански јазик, односно секој на својот мајчин јазик, отсликувајќи ја така Македонија како земја на различни етнички заедници, сите заедно проговорија за медиумскиот простор во земјава, за човековото право на слободно изразување, за потребата да се искаже јавно својот став, за недостатокот на објективно известување и за извртената реалност која секојдневно се пласира во медиумскиот простор.
Мултимедијалниот настан „За слобода на изразувањето“ е во рамките на проектот Граѓански објектив, финансиран од National Endowment for Democracy.