Законот за лустрација е донесен за да може власта да се пресмета со неистомислениците, беше главната оценка на учесниците на дебатата „Правни последици од процесот на лустрација“, која ја организираше Институтот за човекови права.
Поранешниот претседател на Уставниот суд на Република Македонија, Трендафил Ивановски, истакна дека расчистувањето на минатото - за доброто на иднината, е промашен процес, бидејќи тоа требаше да се направи во почетокот на деведесеттите години и да трае кратко време.
„Кај нас започна доцна и сѐ уште трае, колку да им се реваншираат на неистомислениците. Во 2009/10 година, Уставниот суд одлучи дека Законот за лустрација е кастрација на здравиот разум, по што, следуваа некои измени во законот. Но, наместо подобро да функционира законот за лустрација, листата на лустрирани се прошири! Во 2012 година се донесе нов закон со кој покрај живи луѓе, може да се лустрираат и починати лица. Од 203 случаи, околу 70 се мртви лица“, изјави Ивановски.
Тој посочи дека го добил случајот против Македонија во Стразбур и дека таму веќе им е јасно како функционира судството кај нас.
„Секоја постапка во Уставен суд ќе доживее неуспех, таму веќе четири години нема јавна расправа. Процесот со лустрацијата е лустрираните лица да не можат да работат јавна функција, но, кажете ми, мртвите кај Св. Илија ли ќе обавуваат јавна функција?“, праша Ивановски.
Професорот по уставно право, Темелко Ристески, рече дека Комисијата за лустрација се водеше по принципот да работи во интерес на власта, а не во интерес на граѓаните. Тој потенцираше дека дел од лицата коишто беа лустрирани, не беа ислушани.
Дехран Муратов
Оваа вест е достапна и на: Albanian